Архитектура

Инженери докажаа дека мостот на Да Винчи функционира

28. октомври 2019 - 12:58 | Ф.З.

Големиот Леонардо да Винчи меѓу другото дизајнирал и мост кој никогаш не бил изграден, но денес инженерите докажаа дека тој успешно би функционирал.

Во 1502 година отоманскиот султан Бајазит II сакал да го спои Истанбул со Галата со многу поголем мост од оној изграден од Јустинијан во 6-тиот век.

Леонардо да Винчи понудил решение на инженерскиот предизвик, мост доволно голем под кој ќе минувале бродови. Но, султанот не ја прифатил идејата која на Отоманската империја би ѝ го подарила најголемиот мост во тоа време.

Нацртите на Да Винчи за мостот се сметале за изгубени сѐ до 1952 година кога биле пронајдени. Оттогаш се инспирација за стотици инженери, а во 2001 во Осло беше направен мал модел на леонардовиот мост кој до денес перфектно функционира.

Карли Баст од Технолошкиот институт во Масачусетс изработи модел со размер од 1:1500 направен од 126 блокови со помош на 3D-принтер и својата макета ја претстави на конференција во Барселона.

Истражувала какви материјали биле достапни во времето на Да Винчи за мостот да биде изграден онака како што бил оригинално замислен. Заклучила дека најдоброто решение би било камен бидејќи со цигли или дрво не би бил доволно цврст.

„Мостот е неверојатно амбициозен проект. Во тоа време бил десет пати подолг од останатите мостови. Сѐ се држи заедно само со компресија“, вели Баст.