После речиси пет месеци, милијардерот Eлон Маск конечно го заврши копањето на тунелот под Лос Анџелес, кое го изведува неговата компанија „Boring“.
Маск има за цел со подземна мрежа на тунели да го реши проблемот со сообраќајни гужви во Лос Анџелес, а во иднина и во други градови ширум светот.
Маск, кој е познат како основач на Tesla Motors и Space X, објави фотографија на Твитер, на која за прв пат може да се види како ќе изгледа внатрешноста на тунелот, кој ќе служи како пробен полигон за идната подземна мрежа.
Се чини дека дел од тунелот на фотографијата е потполно завршен, со поставување на кабли и вентилација.
Маск изјави дека работата продолжува и дека сака да ископа тунел од аеродромот до авто – патот 101, а за тоа би било потребно да помине од Санта Моника, Брентвид, можеби и Беверли Хилс.
„Делот на фотографијата е долг повеќе од 200 метри. Вкупно би требало да биде 3 километри и да биде завршен за три или четири месеци“, напиша Маск во твитот.
Првобитно му било ограничено тестирањето на новиот систем само на имотот на компанијата, но подоцна Маск доби зелено светло дека може да копа тунел кон градот.
Крајната цел на Маск е да изгради пространа мрежа на подземни тунели во кои со платформи на шини ќе превезува возила до одредени точки со брзина од 200 километри на час.