Фудбал

Сенегалците му го расипаа славјето на Нејмар

10. октомври 2019 - 16:24 | Ф.З.

Неуспешен тест натпревар за Бразил кој предмалку одигра 1:1 против Сенегал на неутрален терен во Сингапур. Фирмину постигна мајсторски гол, но потоа Сенегалците израмнија од пенал. Нејмар прослави настап број 100.

„Кариоките“ настапија скоро во најсилниот состав предводени од Нејмар, Фирмину, Габриел Жезус, Кутињу, Каземиру, Алекс Сандру, Дани Алвис, Маркињус, Тијагу Силва, а го немаше само повредениот голман Алисон на чие место бранеше Едерсон.

Уште во 9-тата минута Фирмину мајсторски го лобуваше Алфред Гомис најавувајќи победа на Бразилците. Но, во 45-тата минута Садио Мане убаво мина меѓу Дани Алвис и Маркињус по што овој вториот го сруши во казнениот простор. Ударот од белата точка успешно го реализираше Фамара Дједиу, напаѓач на Бристол од англиската втора лига.

Во вториот дел ниту еден тим не успеа да постигне победнички гол, па Бразил им донесе ново разочарување на своите навивачи.

За ѕвездата Нејмар ова беше голем јубилеј бидејќи го запиша настапот број 100 за репрезентацијата на Бразил, но не успеа да го прослави со победа. Воедно Нејмар стана најмладиот Бразилец кој стигнал до бројката од 100 настапи.

Бразил в недела ќе има поправен против уште еден африкански ривал, Нигерија. Натпреварот ќе се игра на истиот национален стадион во населбата Калан во Сингапур.