Македонија ја доби Грција за противник на двете сениорски одбојкарски репрезентации на патот до Европските првенства во 2026 година. Мажите ќе играат и со Грузија за четврти континентален настап едноподруго, а дамите со Австрија во обидот прв пат да конкурираат за влез на еврошампионат.
Овој пат ЦЕВ реши групите да ги формира според рејтингот, што значи дека немаше ждрепка, а со оглед дека 21 репрезентација се дел од квалификациите, има 7 групи со по 3 национални состави. Виза за европските првенства ќе обезбедат првопласираните 7 и петте најдобри второпласирани селекции.
Термините за вкупно шесте натпревари се во август годинава и истиот месец во 2025, а македонските селекцци тогаш ќе одиграат по два меча. Одбојкарите ќе почнат со гостување против Грузија на 17 или 18 август, а на 24-ти или на 25-ти ќе ја пречекаат Грција. Следната година ќе одиме кај јужниот сосед на 13 август, по што на 16-ти или на 17-ти ќе ѝ бидеме домаќин на Грузија. Дамите, пак, квалификациите ќе ги почнат на свој терен со Австрија на 17 и на 18 август, а на 28 или на 29 истиот месец ќе сервираат во Грција. Натпреварот со Гркинките дома ќе биде на 2 или на 3 август 2025, а против Австрија на гости на 9-ти или на 10-ти истиот месец.
„Знаејќи дека беа осминафиналисти на последното европско организирано и од Македонија, со победи над Данска и над Црна Гора, на пласманот на ЕУРО 2021 во Финска со победа против моќната Турција, а на дебито во Љубљана во 2019 ги совладаа Словенија и Белорусија, нашите одбојкари имаат голема шанса да го продолжат учеството на големата евросцена. Ова е објективна оценка иако со Грција немаме позитивен биланс, а со Грузија забележавме победа во претквалификациите во Струмица пред точно десет години. Одбојкарките, пак, сѐ уште се во улога на градење на сениорскиот тим, којшто лани играше во Европската сребрена лига и загуби во двата меча против Австрија“, пишува Одбојкарската федерација на Македонија.
Група Ф: Македонија, Грција, Грузија
Грузија – Македонија (17/18 август 2024)
Македонија – Грција (24/25 август 2024)
Грција – Грузија (28/29 август 2024)
Грузија – Грција (9/10 август 2025)
Грција – Македонија (13 август 2025)
Македонија – Грузија (16/17 август)
Група Ф: Македонија, Грција, Австрија
Македонија – Австрија (17/18 август 2024)
Австрија – Грција (24/25 август 2024)
Грција – Македонија (28/29 август 2024)
Македонија – Грција (2/3 август 2025)
Грција – Австрија (6 август 2025)
Австрија – Македонија (9/10 август 2025)