Авто новости

Не е тешко да го измамите автопилотот на Tesla

24. февруари 2020 - 17:58 | Б.С.Б.

Експерти од McAfee успеаја да го измамат автопилотот на Tesla Model X, со помош на обична леплива лента.

Експерти од McAfee 18 месеци ја тестирале безбедноста на системите за автономно возење и ги истражувале можностите за хакирање и измами. Меѓу останатото, тестирале Tesla Model X од 2016 година кој користи MobileEye камера за препознавање сообраќајни знаци и базирано на тоа вози со пропишаната брзина. Системот има можност да му зададете колку брзо или бавно ќе вози, во однос на брзината декларирана на сообраќајниот знак.

Истражувачите од McAfee на сообраќаен знак со ограничување на брзина од 56 км/ч залепиле делче црна леплива лента на бројот 3, односно ј продолжиле средната цртичка, па автомобилот погрешно го интерпретирал знакот и заклучил дека дозволената брзина е 136 км/ч, како што се гледа од видеото.

Со други зборови, возилото возело дури 80 километри на час над дозволената брзина, а тоа во вистинско возење може да доведе до фатални последици.

Ова истражување доаѓа еден месец откако е откриено дека Tesla  се наоѓа под истрага поврзана со 127 обвинувања кои сопственици на Tesla автомобил ги упатиле до американската национална организација за безбедност на сообраќајот NHTSA, со тврдење дека одредени модели знаат неочекувано да забрзаат.

Tesla на овие обвинувања вели дека забрзување се случува само доколку возачот му нареди на системот тоа да го направи.

Од McAfee велат дека ова хакирање е можно кај Tesla автомобили опремени со Mobilеye ЕyeQ3 камери вградени во моделите од 2016 година.