Останати спортови

Вајлдер има неверојатен изговор за поразот од Фјури

25. февруари 2020 - 14:19 | Б.С.Б.

Дионтеј Вајлдер остана без титулата на светски првак во тешка категорија во WBC верзијата. Во седмата рунда во борбата во Лас Вегас тој беше нокаутиран од Тајсон Фјури со што го доживеа првиот пораз во кариерата.

Американскиот боксер по поразот даде интервју за Yahoo во кое произнесе неверојатен изговор за неговата слаба форма во мечот. За поразот го обвини костимот кој го носеше пред да влезе во рингот.

„Фјури не ме претепа. Факт е дека мојот костим беше претежок. Тежеше 18 килограми и ме болеа нозете кога започна борбата. Во третата рунда веќе не ги ни чувствував“, изјави Вајлдер.

Тој вели дека ден претходно го пробал костимот и не му се причинил толку тежок.

Во седмата рунда по серија удари кои Фјури му ги зададе, помошниот тренер Марк Бреланд фрли крпа во рингот и на тој начин го прекина мечот. Тоа не му се допадна на Вајлдер.

„Многу сум му лут на Марк бидејќи многупати сме зборувале за такви ситуации. Јас сум воин, шампион, лидер, владетел. Ако бидам поразен сакам тоа да биде чесно и херојски поднесено, на моите тренери им кажав никогаш повеќе да не фрлаат крпа без оглед на тоа во каква состојба сум. Имав уште пет рудни до крајот на борбата и можев да се борам. Разбирам дека се уплаши и дека само сакаше да ме заштити, но ова е мој живот, моја кариера и тој мора да ја почитува мојата желба“, вели Вајлдер.