Украина ќе ги бојкотира европските фудбалски натпреварувања на кои ќе учествуваат руски селекции, објави денеска Украинската фудбалска асоцијација (УАФ).
Соопштението доаѓа еден ден откако УЕФА - фудбалското тело на Европа - одлучи да ги реинтегрира руските репрезентации до 17 години во своите натпреварувања, одлука што УАФ „остро ја осудува“, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на Украинската асоцијација.
„УАФ инсистира на зачувување на претходните одлуки на УЕФА и ФИФА за забрана на сите руски екипи да учествуваат на меѓународни натпревари“, се вели во соопштението.
„УАФ потврдува дека нема да учествуваме во ниту едно натпреварување во кое учествуваат руски тимови и апелираме до другите асоцијации членки на УЕФА да ги бојкотираат сите натпревари на кои би учествувале тимови од Руската Федерација, под услов нивниот пристап“.
УЕФА во вторникот објави дека во договор со Меѓународната федерација (ФИФА) одлучила да ги врати селекциите до 17 години бидејќи „децата не смеат да бидат казнети за дела за кои единствено се одговорни возрасните“.
Меѓутоа, натпреварите на руските репрезентации мора да се играат „без руско знаме, химна и официјални дресови“ и надвор од руска територија, прецизира УЕФА.
Прва руска селекција што ќе заигра е женската репрезентација до 15 години и тоа на развојниот турнир на УЕФА во Србија, на кој покрај домаќинот и Русија ќе играат уште и Словенија и Белорусија. Турнирот ќе се одржи од 30 септември до 5 октомври во Стара Пазова, Војводина.
Потоа руската машка репрезентација до 14 години ќе игра на развојниот турнир на УЕФА во Минск од 3 до 8 октомври. Русија таму ќе игра против поранешните советски републики Таџикистан, Киргистан и Белорусија.