Голманот на Астон Вила, Емилиано Мартинес, поради суспензија ќе го пропушти првиот полуфинален натпревар од Конференциската лига против Олимпиакос, потврди Европската фудбалска унија (УЕФА).
Мартинез во четвртокот, во реваншот од четвртфиналето против Лил, доби жолт картон во 39. минута, а втор жолт картон при изведувањето на пенали поради неспортско однесување кон домашните навивачи.
Аргентинскиот голман не беше исклучен, бидејќи жолтите картони добиени во текот на натпреварот не важат во пенал-серијата.
Сепак светскиот првак со Аргентина доби суспензија откако УЕФА го казни Мартинес бидејќи во пенал-серијата константно ја провоцираше домашната публика.
Астон Вила по изведувањето пенали го победи Лил со 4:3, а Мартинес одбрани два пенала, во првата и петтата серија им одбрани на Бенталеб и Андре.
Првиот натпревар од полуфиналето на Конференциската лига меѓу Астон Вила и Олимпиакос ќе се одигра на 2 мај во Бирмингем, а реваншот седум дена подоцна во Атина.