Фантастичниот британски возач Ландо Норис ноќеска ја оствари првата победа во кариерата во Формула 1, славејќи на трката за Големата награда на Мајами во САД.
Норис стигна до победата со брилијантната стратегија на Мекларен што му помогна да го остави зад себе трикратниот шампион Макс Верстапен.
Верстапен ја водеше трката и прв влезе во првиот свиок, а одличен старт забележа тимскиот колега на Норис, Оскар Пјастри, кој се искачи за три позиции на третото место.
Помеѓу него и Верстапен беше Шарл Леклер во Ферари, а победникот Норис дури ја загуби петтата позиција од која ја започна трката на стартот.
Но, на Норис подоцна многу му помогна инцидентот во 29. круг предизвикан од возачот на Хаас, Кевин Магнусен, кој удри во Логан Сарџент од Вилијамс.
Ова доведе до тоа безбедносното возило да излезе на патеката, а тоа се случи токму кога водеше Норис бидејќи другите претходно отидоа да менуваат гуми.
Откако безбедносното возило се врати во гаражата, Норис успеа да ги одврати сите напади на Верстапен и на крајот да ја прослави првата победа во кариерата во својата 110-та трка.
На крајот Норис победи пред Верстапен со предност од цели 7,6 секунди, додека Леклер го освои третото место (+9,92). Британецот во солзи ја прослави победата, што доволно говори колку таа му значеше.
Во првите десет завршија и Серхио Перес, Карлос Саинс, Луис Хамилтон, Јуки Цунода, Џорџ Расел, Фернандо Алонсо и Естебан Окон.
Во генералниот пласман води Верстапен со 136 бодови, следен од Перес со 101, додека Леклер е трет со 98.
Овогодинешниот шампионат во Формула 1 продолжува со Големата награда на Емилија-Ромања на патеката „Енцо и Дино Ферари“ од 17 до 19 мај.