Извршниот комитет на УЕФА на денешната седница потврди дека реформираната Лига на шампиони ќе стартува наесен, а беа донесени интересни одлуки кога се парите во прашање.
Во новиот формат на Лигата на шампионите ќе играат 36 клубови, ќе има уште натпревари, а УЕФА собра паричен фонд од 500 милиони евра.
Според проценките, шампионот на Европа би можел да инкасира 200 милиони евра заедно со телевизиските права.
Зголемена е и наградата за пласман во групната фаза од Лигата на шампионите, па од есен за тој резултат ќе се добијат 19 милиони евра, што е за четири повеќе од досега.
Расте и бонусот за победа, која сега на клубовите ќе им донесе 2,6 милиони евра, што е скок од половина милион.
За пласман во осминафиналето ќе бидат доделени 11 милиони евра, за четвртфиналето 12 милиони, а за полуфиналето 15 милиони.
Клубот што ќе го загуби финалето ќе се утеши со дополнителни 20 милиони евра, а шампионот ќе добие чек од 25 милиони евра.