На регионалниот состанок во Тирана, фудбалските федерации на земјите од Југоисточна Европа дискутираа за различни прашања и предизвици, но и изразија безусловна поддршка за претседателот на УЕФА, Александер Чеферин и неговата администрација.
Фудбалската федерација на Македонија заедно со 10 други федерации членки на УЕФА од Југоисточна Европа во вторникот на состанокот во Тирана, Албанија ја потврдија безусловната поддршка за претседателот на УЕФА, Словенецот Александер Чеферин.
На регионалниот состанок чиј домаќин беше Албанската фудбалска федерација, главниот фокус се однесуваше на критичните аспекти на стратегијата за развој на фудбалот на УЕФА како што се: идниот формат на клупските натпреварувања на УЕФА по 2024 година и новата програма за солидарност.
Исто така, се дискутираше за прашања кои се однесуваат на судењето на натпреварите, споделување податоци и финансиски анализи, потоа предизвици околу првенствата кои влегуваат во системите за обложување и можности кои се појавуваат за државите/федерациите.
Босна и Херцеговина, Хрватска, Кипар, Грција, Косово, Црна Гора, Македонија, Србија, Словенија, Турција и Албанија со свои претставници беа дел од регионалниот состанок во Тирана.
По дискусиите за наведените теми, федерациите навлегоа во дискусии за иднината на европскиот фудбал. Сите присутни едногласно изразија непоколеблива поддршка за претседателот Чеферин и администрацијата на УЕФА.
Чеферин е на чело на УЕФА од септември 2016 и има намера да се кандидира и за трет мандат. Претседателството на УЕФА има мандат во времетраење од 4 години. Претходно беше претседател на Фудбалската федерцаија на Словенија од 2011 до 2016 година.
Фудбалската федерација на Македонија на состанокот во Тирана беше претставувана од претседателот Муамед Сејдини, генералниот секретар Наталија Илиевска-Божиновска и членот на Управниот одбор Владимир Гашевски.