Фудбалерите на Соединетите Американски Држави ноќеска со победата над Мексико од 2:0 ја освоија Лигата на нации на Северна и Централна Америка.
Головите за титула на Американците на финалето во Арлингтон, Тексас ги постигнаа фудбалери кои настапуваат во Европа.
Во последната минута од првото полувреме Тајлер Адамс го постигна голот за кој сите зборуваат, со што се трасираше патот на САД до титулата.
По додавањето на Вестон МекКени, играчот на англискиот Борнмут шутираше силно од 30 метри, а неговиот удар не можеше да го запре ниту легендарниот мексикански голман Гиљермо Очоа.
Во 63. минута фудбалерот на Борусија Дортмунд, кој пролетва настапува како позјамен за Нотингем Форест, Џовани Рејна, ги постави конечните 2:0 по големиот продор на Кристијан Пулишиќ.
На овој начин Американците стигнаа до третата титула од исто толку одиграни сезони во Лигата на нации на КОНКАКАФ.
Во дуелот за третото место Јамајка со минимални 1:0 ја совлада Панама благодарение на голот на Декстер Лембикиса во 42. минута.
Џовани Рејна ја доби и наградата за Најдобар играч во Лигата на нации. Најдобар голман е прогласен Мет Тарнер, чуварот на мрежата на САД, а младиот 20-годишен репрезентативец на Гвајана, Омари Гласгоу, ги освои наградите за Најдобар млад играч и Најдобар стрелец. Фер-плеј наградата замина кај Панама.