Во италијанскиот ресторан сите гости ќе можат да добијат бесплатно шише вино доколку не го користат мобилниот телефон за време на оброкот.
Италијански ресторан нуди бесплатно шише вино за гостите кои се откажуваат од мобилните телефони за време на оброкот. Целта на Анџело Лела, сопственикот на ресторанот Al Condominio, неодамна отворен во Верона, е да ги поттикне гостите да разговараат додека јадат наместо постојано да гледаат во нивните телефони, објави Guardian.
Намерата на овој угостител била да отвори ресторан кој се разликува од другите.
„Технологијата станува проблем. Нема потреба да гледате во телефонот на секои пет секунди, но за многумина тоа е како дрога. На овој начин тие имаат можност да го остават телефонот на страна и да се напијат добро вино“, вели Лела.
Гостите од ресторанот кои ќе се решат да го сторат тоа, го ставаат телефонот во посебна кутија на влезот и го покажуваат клучот на келнерот кој ќе им донесе шише вино. Во кутијата, гостите можат да ја стават и својата оценка за оброкот, а на оние чиј рејтинг е највпечатлив ќе им биде понуден оброк следниот пат кога ќе дојдат.
Guardian пишува дека со ветувањето за бесплатно вино, ресторанот стана популарен меѓу оние кои се подготвени да се „детоксираат“ од мобилните телефони.
„Реакциите се многу позитивни. Околу 90 отсто од гостите избраа да ги остават своите телефони во замена за вино. Многу е убаво да се видат луѓето како разговараат меѓу себе наместо да гледаат слики или да одговараат на пораки“, додаде тој.
Al Condominio е првиот ресторан во регионот Венето со новата иницијатива, иако има неколку во Италија, вклучително и еден во Тоскана кој на гостите им дава ваучери доколку ги остават своите мобилни телефони на страна.