Фудбал
ЛИГА НА ШАМПИОНИ 2019/20

Лион го изненади Јуве, Сити се радуваше среде Мадрид

27. февруари 2020 - 9:01 | Ф.З.

Неочекувани резултати од последните два осминафинални натпревари кои се одиграа синоќа во најквалитетното клупско натпреварување.

Италијанскиот шампион Јувентус до вчера имаше перфектен скор на гостувањата кај Лион, но синоќа во третиот обид Фрнацузите конечно успеаја да ја прекинат негативната серија. Лион не само што немаше победа дома над Јуве, туку и општо земено никогаш го немаше победено на официјален натпревар.

Единствениот гол кој го реши натпреварот беше дело на 22-годишниот играч од средниот ред, Лука Тузар по одличниот продор на Алжирецот Хусем Ауар во 31. минута.

На вториот натпревар во Мадрид немаше голови по првите 45 минути, а домаќините први го отворија резултатот преку Иско во 60. минута по една грешка на гостинската одбрана.

„Граѓаните“ израмнија во 78. минута кога Кевин Де Брујне одлично го пронајде Габриел Жезус во казнениот простор, кој пак го натскока Серхио Рамос и со глава го израмни резултатот.

Во 83. минута Манчестер Сити направи комплетен пресврт. Дани Карвахал го сруши Рахим Стерлинг во шестнаесетникот, а Де Брујне беше сигурен од белата точка.

Покрај поразот дома, дополнителен хендикеп за Реал на реваншот ќе биде отсуството на капитенот Рамос кој на 4 минути пред крајот заработи црвен картон откако со рака го повлече Ријад Махрез кој иташе сам кон голот на Тибо Куртоа.

Реваншите се закажани за 17 март.