По синоќешното испаѓање на Арсенал од Лигата на шампионите, комплетиран е списокот на европски клубови учесници на Светското клупско првенство, кое во 2025 година ќе се игра во нов формат.
Откако Арсенал испадна од елитното натпреварување и не успеа да го освои трофејот, клубот од Лондон нема да игра на Светското клупско првенство, а според коефициентот последното место во натпреварувањето го зграпчи австриски РБ Салцбург.
Ацвстрискиот шампион на Мундијалот им се приклучи на следните екипи: Манчестер Сити, Челси, Реал Мадрид, Атлетико, Баерн, Борусија Дортмунд, ПСЖ, Интер, Јувентус, Бенфика и Порто.
Светското клупско првенство ќе се игра од 15 јуни до 13 јули 2025 година, а покрај наведените 12 европски селекции, ќе учествуваат 6 клубови од Јужна Америка, 4 од Азија, 4 од Африка и 5 од Централна и Северна Америка (едно дополнително место за домаќинот), како и шампионот на Океанија - Оукленд Сити.
Од Азија досега се квалификуваа саудискиот Ал Хилал, јапонската Урава Ред Дајмондс и јужнокорејскиот Улсан Хјундаи. Африка ќе ја претставуваат египетскиот Ал-Ахли и мароканскиот Видад, од Централна и Северна Америка ќе играат мексиканските Монтереј и Леон и американскиот Сиетл Саундерс, од Јужна Америка се бразилските Палмејрас, Фламенгу и Флуминенсе.
Се чекаат уште седум клубови учесници.
Ова Клупско светско првенство ќе биде 21 по ред, но прво во нов формат со 32 учесници.