Откако денеска се одиграа реванш полуфиналните натпревари од Купот на Македонија познато е и кои екипи ќе се борат за пехарот на 22 мај.
Шкупи отпатува во Кавадарци откако првиот дуел во Чаир против Тиквеш заврши без голови. Кавадарчани го преполнија Градескиот стадион во обид да му помогнат на својот миленик да стигне до своето прво историско финале. Двете екипи имаа по некоја шанса, но 90 минути никој не успеа да го најде патот до противничката мрежа, па бидејќи вкупниот резултат остана 0:0 победникот мораше да се одлучи на пенали.
Во пенал серијата поуспешен беше Тиквеш кој ги реализираше сите пет пенали, додека кај гостите од Скопје клучна беше утката во првата серија кога домашниот голман Ариан Ренер му одбрани на Дарко Илиески.
Во скопската населба Ѓорче Петров екипата на Македонија ЃП, инаку бранител на пехарот, ја пречека Воска Спорт која од Охрид допатува со предност од 2:0. Уште во 13. минута гостите поведоа со вкупни 3:0 со голот на младиот Џемиљ Јахији. „Лавовите“ брзо се вратија израмнувајќи преку Самир Фазли во 25-тата, а комплетен пресврт направија во 64. минута кога Крсте Велкоски реализираше од белата точка откако гостинскиот голман Костадин Захов направи наивен прекршок за пенал над Бразилецот Роберту Нету. До крајот домашните се обидуваа, но не успеаја да постигнат трет гол и да го израмнат вкупниот резултат, па Воска Спорт за прв пат во својата историја се избори за финале.
Големото финале е закажано за 22 мај (среда), а ФФМ дополнително ќе донесе одлука на кој стадион ќе се игра и од колку часот, но се очекува да биде вечерен термин.
Со оглед на тоа што за двете екипи ова ќе биде прво куп финале, некоја ќе испише историја и за прв пат ќе игра во фудбалска Европа летово, поточно во квалификациите за Конференциската лига.