Започна предизборниот молк пред утрешните претседателски избори. Молкот завршува на 24 април во 19 часот, кога се затвораат избирачките места.
Денеска ќе гласаат избирачите запишани во посебниот извод од избирачкиот список, односно дијаспората, затворениците, лицата во старските домови, болните и изнемоштени и внатрешно раселените лица.
Гласањето за претседател започна во саботата, први гласаа членовите на избирачките одбори кои отпатуваа да го спроведат гласањето во дијаспората.
Во посебниот извод од избирачкиот список се запишани 191 избирачи кои треба да го спроведат гласањето во дијаспората.
Во дипломатските претставништва и конзуларни канцеларии треба да гласаат наши граѓани кои живеат во странство а кои се пријавиле за гласање.
Право на глас имаат 1.814.317 гласачи запишани во единствениот избирачки список. Избирачките места се отвораат во 7 часот, а гласањето трае до 19 часот. Се гласа на 3.480 избирачки места во целата земја.
Вкупно 942 набљудувачи, странски новинари и преведувачи се акредитирани за следење на Претседателските избори на 24 април.
Како што е објавено на веб страницата на ДИК, заклучно до 19 април, акредитирани се 342 домашни и 568 странски набљудувачи и преведувачи, од кои најбројни се од ОБСЕ/ОДИХР.
Парламентраните избори во земјава ќе ги следат над 2.000 домашни и странски набљудувачи.
Изборите за шеф на државата ќе ги следат и странски новинари.
Седмите претседателски избори во земјава ќе се одржат на 24 април, а евентуалниот втор круг заедно со парламентарните на 8 мај. Kaмпањата за парламентарните избори ќе тече и за време на предизборниот молк за претседателските избори.