Живот

Знаења и вештини кои најмногу ќе им користат на децата подоцна во животот

20. февруари 2019 - 14:45 | Б.С.Б.

Родителите не можат цело време да бидат покрај детето и да го чуваат од опасности, непријатни ситуации и проблеми. Но, можат да му обезбедат добра основа на знаење и вештини кои на малечките ќе им бидат многу корисни кога ќе пораснат.

Детето постојано учи нови работи, впива информации од околината додека расте. Честопати се вели дека мозокот на децата е како сунѓер, впива сè околу себе. Токму затоа треба рано да почнете со учење на неколку работи кои ќе му бидат корисни на детето кога ќе порасне.

Некои истражувања покажуваат дека децата кои во детството учеле уште еден јазик полесно се адаптираат на промени, односно имаат подобра меморија. Научници од Универзитетот Ротман тврдат дека луѓето кои од најрана возраст учат два јазика имаат помали шанси за развивање на Алцхајмерова болест во староста.

Навиките се создаваат од детството. Чистењето во домот, заедно со вас, како и рециклирањето, можат да станат омилена активност. На овој начин  детето ќе научи да се грижи за својата околина, односно да создава чувство за хигиена. Освен чистењето, детето може да го вклучите и во приготвувањето на храната, особено на подготовка на здрави домашни оброци. Иако се мали за да научат да готват, многу е важно да ги вклучите во такви активности на време. Тие ќе бидат вашите најдобри помошници во кујната.

Ако детето од малечко почне да подготвува свои јадења многу поголеми се шансите подоцна во животот поретко да јаде брза или неквалитетна храна.

Исто така е важно децата да научат дека парите се средство, а не награда и дека нивното штедење е многу важно.