Здравје

Во Шкотска бесплатни влошки и тампони, а во Македонија девојчињата не одат на училиште кога имаат менструација

26. февруари 2020 - 10:38 | А.С.

Шкотскиот парламент вчера ги одобри плановите да станат бесплатни хигиенските производи за сите жени и стана прва земја во светот што го направила тоа.

Со новиот закон, хигиенските влошки и тампони ќе бидат достапни бесплатно на назначени локации како комунални центри, младински клубови и аптеки, што се проценува дека ќе ја чини државата 31,2 милиони долари годишно.

Шкотскиот закон за бсплатни хигиенски производи за жени (Period Products ((Free Provision)) Scotland Bill) помина низ првата фаза со 12 гласови „за“, ниеден против и еден воздржан. Сега продолжува втората фаза во која пратениците во шкотскиот парламент може да предлагаат амандмани.

Во 2018 година, Шкотска стана првата земја во светот што обезбеди бесплатни хигиенски производи во училиштата, колеџите и универзитетите. На ниво на Обединетото Кралство, хигиенските производи за жени имаат 5% данок. Владата вети дека ќе го намали данокот во 2016 година, но тоа уште се нема случено.

Во Македонија сосема поинаква слика

Според истражувањето на Институтот за јавно здравје и на „Новинари за човекови права“ од 2018 година на тема „Проценка на менструалната сиромаштија во Македонија“, ситуацијата кај нас е драстично различна.

Дури 90 отсто од ученичките од руралните средини отсуствуваат од училиште четири до пет дена во текот на месецот кога имаат месечен циклус, а 75 отсто од ученичките во урбаните средини изостануваат два до три дена поради истите причини. Како причини за ова се наведени несоодветните услови за управување со менструалната хигиена на училиште или работно место, како и високата цена на средствата.

Според податоците со кои тогаш располагале истражувачите, во ниту едно училиште на територијата на Скопје, Велес и Куманово нема соодветни производи за менструална хигиена (сапун, тоалетна хартија, вода), а нема ниту соодветни места за остранување на отпадоци.

Истражувањето било спроведено во месеците април и мај во 2018 година, на територија на Скопје, Велес и Куманово, а во него учествувале 800 испитанички на возраст од 14 до 45 години. Извештајот од истражувањето може да го погледнете ТУКА.