Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманан денеска им нареди на полициските началници да распоредат сили за ред пред сите католички и протестантски цркви за време на Велигден.
Во СМС порака до полициските началници, Дарманан напиша дека „многу високото“ ниво на терористичка закана и „продолжувањето на тензиите“ на меѓународната сцена, особено со војната во Газа и нападот во Москва, „бара исклучителна будност“ за време на велигденските празници овој викенд.
Тој, исто така, додаде дека е неопходно да се воспостави „визуелна контрола на луѓето кои влегуваат во верските објекти за да се откријат сомнителни лица“ и дека „посебно внимание треба да се посвети на „возилата стационирани во близина на големите собири“.
Дарманан дал инструкции за „зголемено физичко присуство на полицијата пред секоја црква или еврејски храм“ од петок до крајот на неделата.
Од почетокот на годината во Франција спречени се два напада. Националното обвинителство за тероризам објави дека еден од тие напади вклучува „џихадистичка идеологија“ насочена против католичка институција.
Велигден, со кој се слави Христовото воскресение, е најголемиот христијански празник. Католиците и протестантите годинава го слават овој викенд, а православните верници на 5 мај.