Живот

Влезница за разгледување на Венеција, предлага градоначалникот

20. април 2018 - 10:33 | А.С.

Туристи, туристи и само туристи. Тоа е првата помисла кога ќе се спомне славниот град на вода во Италија. Венеција со години се соочува со пренатрупаност, а речиси нема знаци дека ситуацијата наскоро ќе се подобри.

Новите мерки што ги предлага градоначалникот сигурно нема да ги одушеват туристите. Градоначалникот на Венеција Луиџи Бруњаро како главна точка на неговата предизборна програма го истакна намалувањето на бројот на туристи во градот.

„Градоначалникот би требало да има можност да го ‘затвори’ градот за нови посетители во случаи кога се заканува голем метеж. Неколкиу идеи веќе се предложени на владата и се надевам дека конечно ќе ѝ помогнеме на Венеција“, изјави неодамна првиот човек на градот.

Оваа изјава следеше по велигденскиот викенд кога двајца пијани туристи од Швајцарија беа фатени како се капат без облека во фонтана во близина на мостот Ријалто.

На Велигден градот го посетија околу 125.000 луѓе, а во понеделникот потоа 25.000 луѓе помалку, што е едноставно неодржливо.

Бруњаро предлага да се воведе дополнително наплатување влез во градот, односно туристите да плаќаат влезница за разгледување на Венеција.

Овој предлог не е новитет, со оглед на тоа дека Министерството за култура го предложи истото уште пред четири години. Останува да се види дали предлогот конечно ќе биде усвоен.