Македонија

Ветер со брзина од над 100 км/ч во синоќешното невреме во Скопје, санирани штетите

27. февруари 2020 - 10:42 | МИА

Скопје, 27 февруари 2020 (МИА) – Ветерот што синоќа дуваше во Скопје бил со брзина од над 100 километри на час, информира утринава Управата за хидрометеоролошки работи.

Силниот ветер откорна дрвја, покриви од згради и оштети фасади на објекти.

Во западните и северните делови од државата ветерот бил со брзина над 70 километри. Во текот на ноќта и изутринава претежно во западните делови имало врнежи од дожд, а на планините врнежи од снег каде се формирала снежна покривка и имало појава на снежни наноси.

За денеска синоптичарите најавуваат променливо облачно време со повремен дожд особено во западните делови од државата. На планините ќе има врнежи од снег. Ќе дува умерен до засилен западен ветер во западните делови, а долж Повардарието северен и со умерен интензитет. Максималната температура ќе се движи во интервал од 6 до 14 степени.

Во Скопје слично време со максимална температура до 10  степени.

Санирани штетите од невремето

До раните утрински часови екипите на Град Скопје ги санираа штетите предизвикани од синоќешното невреме.

Се отстрануваа паднатите лимени конструкции од зградите и откорнатите дрвја од улиците. Од налетот на силниот ветер не издржа ниту фасадата на зградата на МЕПСО. Паднатите дрвја и делови од покриви на згради предизвикаа застој во сообраќајот.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, утринава изрази благодарност до службите на градот.

– Голема благодарност до службите на градот коишто неуморно работеа до раните утрински часови со цел да се отстранат препреките од улиците на Скопје. Се гордеам со Вас добри луѓе!!!, напиша Шилегов.

Најпогодена беше општина Карпош каде имаше откорнато дрвја и кровни конструкции на неколку згради. На терен беше и градоначалникот Стефан Богоев.