Македонија

Вархеји во писмо до Спасовски: Определивме првична финансиска помош

25. март 2020 - 20:24 | МИА

Еврокомесарот за соседска политика и проширување на Европската Унија, Оливер Вархеји, денеска со писмо го информираше претседателот на Владата Оливер Спасовски дека веќе издал инструкции четири милиони евра од инструментите за ЕУ-интеграција да бидат пренасочени за итни потреби на Северна Македонија.

Како што соопшти владината прес-служба, Вархеји во писмото навел дека се разгледува начин наградата за успешност од 50 милиони евра за државата, првично наменета за инфраструктура и животна средина, да биде пренаменета за ублажување на социјално-економски штети предизвикани од кризата.

-Еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји истакнува дека во итна процедура е ставена постапката за доделување 9 милиони евра за поддршка на ликвидноста на малите и средните компании, а 3 милиони евра ќе бидат наменети за директна буџетска поддршка. Вархеји во писмото до премиерот Спасовски наведува дека во период кога Европа и светот се соочуваат со криза предизвикана од пандемија на вирусот КОВИД-19, во соработка со меѓународните финансиски институции се разработуваат проекти за ублажување на финансиските проблеми и менаџирање на кризата во Република Северна Македонија и во регионот, соопшти прес-службата на Владата.
 
Еврокомесарот Вархеји во писмото информирал и дека во соработка со Советот за регионална соработка, Секретаријатите на ЦЕФТА и на Транспортната заедница се утврдуваат начините за непречен транспорт на стоки во регионот и во Европската Унија.