Свет

Тимот на Трамп ја продолжува „војната“ против Грета, твитерџиите бурно реагираат

14. декември 2019 - 9:53 | А.С.

Американскиот претседател Доналд Трамп прво изјави дека е „смешно“ тоа што угледното списание Time ја избра шведската активистка против климатските промени Грета Тунберг за Личност на годината.

„Грета треба да проработи на нејзиниот проблем со контрола на бесот, а потоа со пријателче да си гледа добар стар филм“, напиша Трамп на Twitter, додавајќи „Олабави Грета, олабави“.

Потоа неговиот тим отиде чекор понатаму, кој корисниците на Twitter гневно го оценија како „незрел“ и „беден“ -  ја фотошопираа фотографијата од насловната страница на Time и ја „намонтираа“ главата на Трамп на телото на 16-годишната Грета.

Во објавата на Twitter профилот на кампањата на Трамп @TrumpWarRoom додадени се и изборните ветувања од претседателската кампања на Трамп во 2016 година кои според неговиот тим се „исполнети“, вклучувајќи ги и „процутот на економијата“, изградбата на антиимигрантскиот ѕид кон Мексико и трговските договори.

„Кога станува збор за исполнување на ветувањата, има само една Личност на годината“, се наведува во твитот.

Твитерџиите реагираа бурно:

Ова не е прв конфликт меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и Грета Тунберг, како ни прв необичен фотошоп од кампањата на Трамп, потсетуваат светските медиуми.

Младата шведска активистка и американскиот претседател веќе „војуваа“ на Twitter. По жестокиот говор на Тунберг во Обединетите нации во септември, во кој тинејџерката ги критикуваше светските лидери заради тоа што не реагираат на климатските промени, Трамп се огласи на Twitter:

„Изгледа како многу среќно младо девојче кое се радува на светлата прекрасна иднина. Убаво е да се види тоа!“

Грета подоцна таа негова порака ја стави во описот на својот профил.

Ова, исто така, е третпат кампањата на претседателот да објавува фотошопирани фотографии со ликот на Трамп, со ставање на неговата глава на телата на други личности.

Првата беше во ноември кога Трамп „стана“ Роки Балбоа, од славниот филм на Силвестер Сталоне, а неодамна се појави и како Танос, негативецот на Марвел од серијалот „Avengers“.