Компанијата Tesla отсега е на списокот автомобили на германската Влада, што традиционално го сочинуваат Audi, BMW, Mercedes-Benz и Volkswagen. Tesla е првата не-германска компанија на оваа листа.
Весникот Bild објави податоци за доверливата листа што открива дека Audi, BMW, Mercedes-Benz и Volkswagen и компанија Tesla се одобруваат како производители на автомобили за службена употреба. Како конкретна причина се наведува тоа што традиционалните автопроизводители „нема да можат во краток рок да ги задоволат строгите еколошки потреби со своите премиум модели и дека поради тоа се бара соодветна замена“, како што се наведува во неофицијалниот извештај.
Според податоците, годишниот трошок на Tesla е еднаков или помал од оние на другите споменати фирми.
Tesla, инаку, донесе одлука во Берлин да гради своја гигафабрика за електрични автомобили, прва во Европа. Во неа, од 2021 година е зацртано првично производство на 150.000 возила, со проектиран иден раст од над половина милион возила годишно. Се очекува и отворање на околу 8.000 нови работни места.