Фудбал

Спектакл во ЛШ: Нѐ очекува најсилната нокаут-фаза досега

13. декември 2018 - 16:45 | К.З.

Синоќа заврши групната фаза во Лигата на шампионите и дознавме кои 16 клубови ќе ја продолжат авантурата во осминафиналето од најсилното клупско натпреварување во Европа. За разлика од многу претходни години, овојпат навистина можеме да кажеме дека е најсилно, со оглед на тимовите кои се пласираа во нокаут-фазата.

Ждрепката за осминафиналето ќе се одржи во понеделник во Нион, а таму тимовите ќе ги дознаат нивните противници.

Клубовите ќе бидат поделени во два шешири – едниот со носители и другиот со неносители. Шеширот со носители е составен од клубовите кои ги освоија нивните групи во групната фаза, додека во шеширот со неносители се второпласираните клубови.

Првите натпревари од осминафиналето се играат на 12 и 13 февруари, како и на 19 и 20 февруари, додека возвратните натпревари се закажани за 5 и 6, односно 12 и 13 март. Во осминафиналето не можат да се сретнат клубовите кои играа во истата група, како и клубовите кои доаѓаат од исто домашно првенство.

Носители

Борусија Дортмунд, Барселона, ПСЖ, Порто, Реал Мадрид, Баерн Минхен, Манчестер Сити, Јувентус

Неносители

Атлетико Мадрид, Тотенхем, Ливерпул, Шалке, Рома, Лион, Манчестер Јунајтед, Ајакс

Веќе отсега спортските медиуми ја загреваат атмосферата поради потенцијалниот „Дуел за Клоп“ кој може да се создаде во осминафиналето. Поради пласманот на двете екипи, постои шанса Борусија Дортмунд и Ливерпул да се сретнат во еден од натпреварите во нокаут-фазата, што сигурно ќе биде еден од најинтересните дуели за гледање.

Манчестер Сити има најмал избор и во осминафиналето може да ги добие за противници само тимовит на Атлетико Мадрид, Шалке, Рома и Ајакс, поради тоа што сите останати тимови во вториот шешир доаѓаат од Премиер лигата.

Финалето е закажано за 1 јуни и ќе се одигра на Ванда Метрополитано, новиот стадион на Атлетико Мадрид.