Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ со своите постапки редовно го привлекува вниманието на светската јавност, а така беше и денеска кога објави интересна објава на Instagram.
Ѓоковиќ на Instagram ја честиташе „7533-та српска година“ што предизвика одушевување кај многу фанови, но медиумите во Србија се обидоа да разјаснат дека Ѓоковиќ алудирал на „стариот српски календар“.
Тие наведуваат дека нивните предци се воделе по тој календар повеќе од седум милениуми, а неговата употреба престанала со усвојувањето на јулијанскиот календар од црквата и усвојувањето на Грегоријанскиот календар од страна на државата.
Тој наводен календар за првата година го зема претпоставениот крај на библискиот потоп, околу 5509 година п.н.е.
Очигледно по тоа се води најдобриот светски тенисер Ѓоковиќ кој во моментов се подготвува за настап на Мастерсот во Монте Карло. Овој турнир е на распоред од следната недела, а на него српскиот тенисер ќе бара враќање во вистинската форма по лошиот старт на сезоната.
Во тековната сезона Ѓоковиќ се уште нема освоено ниту еден турнир, неодамна отпадна на стартот на Мастерсот во американскиот Индијан Велс, а минатата недела раскина со тренерот Горан Иванишевиќ.