Свет

Сите полнолетни жители на Хонгконг ќе добијат по 1.300 долари поради новиот корона вирус

26. февруари 2020 - 15:31 | МИА

Хонгконг ќе потроши речиси 10 милијарди американски долари со цел да им помогне на граѓаните чии финансии се намалени поради ширењето на новиот корона вирус Covid-19.

Министерот за финансии на Хонгконг, Пол Чан, денеска најави дека Владата на сите полнолетни жители на Хонгконг ќе им подели по 10.000 хонгконшки долари (околу 1.300 американски долари).

– Социјалните превирања во последните месеци и новата епидемија на корона вирусот предизвикаа голем удар врз стопанството на Хонгконг, истакна Чан.

Тој додаде дека „средствата ќе бидат доделени со цел да се стимулира потрошувачката и да се ублажи финансискиот товар на населението“.

Според најновите податоци, има 89 официјални случаи на заболени од корона вирусот во Хонгконг и двајца починати. Вкупно 24 лица се сметаат за излекувани од болеста.