Свет

Што ќе се случи ако биде прогласена пандемија?

25. февруари 2020 - 13:29 | А.С.

Откако за само неколку дена беше потврден зголемен број на случаи во Европа, како и во Јужна Кореја и Иран, виролозите предупредуваат дека состојбата со корона вирусот Covid-19 се ближи кон пандемија.

Најголем број заразени и починати од вирусот има во Кина, од каде почна епидемијата и каде според последните податоци има 77.658 заболени и 2.663 смртни случаи. Повеќе од 1.200 случаи на заболени се потврдени во уште 30 земји, а повеќе од 20 од нив починаа. Најалармантна е ситуацијата во Италија каде утрово се потврдени 229 случаи на заболени и седум починати. Процентот на луѓе заразени со Covid-19 кои починале од болеста се чини дека изнесува 1 до 2%, но СЗО предупредува дека стапката на смртност од вирусот уште не е точно позната.

Што е пандемија?

Пандемија, што доаѓа од грчките зборови „pan“ (сѐ) и „demos“ (луѓе), е термин што експертите за болести го користат кога епидемијата на одредена болест ќе се прошири во повеќе земји и на повеќе континенти истовремено.

Иако самиот збор „пандемија“ звучи страшно, се однесува само на ширењето на болеста, а не на смртоносноста на болеста или колку е тешка.

Пандемија значи дека болеста е широко распространета, во повеќе земји и континенти и има зафатено голем број луѓе.

Болеста мора да биде заразна за да се прогласи пандемија на таа болест. За споредба, од рак боледуваат многу луѓе ширум светот, но тоа не е заразна болест, па не може да се смета за пандемија.

Исто така важни се бројот и поврзаноста на случаите на заболени од вирусот, па така ако бројот на заразени со корона вирусот во Европа и САД ескалира без јасна поврзаност со случаите во Кина, ќе биде задоволена дефиницијата за пандемија.

Која е разликата меѓу пандемија и епидемија?

Епидемија се прогласува кога една заразна болест ќе почне активно да се шири. Обично станува збор за неконтролирано ширење на болеста, но на една локација или во една земја. Епидемија значи дека има нагло покачување на бројот на заразени над очекуваното.

Пандемија е епидемија од поголеми географски размери што има зафатено голем број луѓе.

СЗО уште ја нема прогласено состојбата со корона вирусот Covid-19 за пандемија. Вирусот се има распространето во 31 земја, на неколку континенти, но тоа не е доволно за да биде прогласена пандемија. Директорот на СЗО рече дека има „потенцијал да биде пандемија“, но дека засега уште не се задоволени сите критериуми. Светската здравствена организација соопшти дека светот треба да презема повеќе мерки за подготовка за можна пандемија на корона вирусот Covid-19.

Што ќе се случи ако СЗО прогласи пандемија?

Според планот за подготвеност за пандемија на СЗО, реакцијата на поединечните влади на земјите ширум светот треба да биде преземање мерки за „целосна мобилизација на здравствениот систем, установи и медицински лица на национално и локално ниво“ за да се дистрибуира опрема за лична заштита“ и да се „дистрибуираат антивирусни лекови и други медицински залихи согласно националниот план“.

Тоа значи дека состојбата на пандемија ќе се одрази различно во различни земји.

Кога СЗО прогласи пандемија за грипот H1N1 во 2009 година, беше критикувана од некои земји дека се создаде непотребна паника.

Поради прогласувањето на пандемија тогаш многу земји непотребно потрошија многу пари за вакцини против вирусот H1N1 кој се покажа дека е релативно лесен за контролирање.