Авто новости

Шефот на Daimler отпушта менаџери, ги моли работниците: Не барајте покачување на плата

12. ноември 2019 - 11:39 | А.С.

Како и поголемиот дел од автомобилската индустрија, германскиот гигант Daimler се бори против забавувањето на пазарот како последица на влегувањето во рецесија, а тука се и стандардните проблеми како повлекувањето возила и непланираното вложување средства во напорите за намалување на загадувањето на животната средина.

Еден од начините за справување со овие проблеми е штедењето, а тоа во превод значи намалување на работната сила.

Во случајот на Daimler AG, матичната компанија на Mercedes, затегнувањето на ременот се однесува и на менаџерите и на обичните работници.

Со планот за штедење се предвидува намалување на бројот на менаџерски позиции за 10%, односно ќе бидат отпуштени околу 1.100 менаџери и управници на глобално ниво.

За останатите 300.000 работници во Германија ќе биде замрзнат износот на месечни примања - новиот главен извршен директор Ола Калениус ќе ги замоли вработените да не бараат покачување на платите додека се спроведува планот.

Веста прв ја објави Süddeutsche Zeitung, а потврда наскоро пристигна и од Handelsblatt и германската новинска агенција DPA.

Откако компанијата мораше да повлече 60.000 примероци од моделот GLK, трошоците поврзани со дизел возилата стигнаа до 2,6 милијарди долари.

Затоа, не треба да изненадува фактот дека Daimler запиша минус од 1,2 милијарди долари, за првпат во последниве десет години.