Кошарка
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕВРОБАСКЕТ 2021

Селекторот Тодоров задоволен по единствената контолка

17. февруари 2020 - 19:21 | Ф.З.

Македонската кошаркарска репрезентација го одигра единствениот контролен натпревар пред отворањето на квалификациите за Евробаскетот 2021 против Естонија и Русија.

Гости на националниот тим беа кошаркарите на Гостивар кои моментално во најдобрата македонска лига се на делба на второто место со Работнички.

„Благодарност до раководството, стручниот штаб и играчите на Гостивар кои ја прифатија нашата сугестија, дојдоа во Скопје за да спарингуваме во овие 40 минути“, рече Тодоров.

На овој контролен натпревар нашиот селектор им даде шанса на сите 15 повикани играчи кои в четврток ќе истрчаат на паркетот во „Борис Трајковски“ против репрезентацијата на Естонија.

„Оваа проверка беше планирана уште во оној првичен план на подготовките. Со оглед на зафатеноста на репрезентациите во нашето опкружение, се решивме на ваква варијанта. Гостивар има тим кој може идеално да парира, со оглед на тоа што зад нас се само неколку тренинзи. Затоа сето ова може да го оценам како доста корисен тест во кој можев да видам до каде сме, до кое ниво на подготвеност сме пред оваа недела и тоа која е и тоа како важна за сите нас“, дополни предводникот на нашиот национален тим.

„Нема потреба за поединечно оценување. Информациите ги задржуваме за себе, во насока на креирање на оние следни чекори и планираното за финалниот дел од подготовките. Имаме уште неколку денови за тренинг пред нас. Ќе ги искористиме максимално. Видовме што и како би можело да изгледа сето тоа за она што следува во четврток, односно недела. Ќе анализираме заедно со моите соработници. Ќе се обидеме да направиме корекции во оние делови каде сметаме дека тоа може да биде и подобро. Сѐ во насока максимално подготвени да ги дочекаме дуелите со Естонија и со Русија“, заклучи селекторот.

По натпреварот со Естонија нашата репрезентација патува за Перм каде в недела ќе игра против силната Русија.

Фото: КФМ