Филм & ТВ

#СедиДома – Моџо Килингтон има одлични предлози за филмови, музика и книги

23. март 2020 - 14:11 | АЛЕКСАНДРА СПАСЕСКА

Во денови на засилени мерки за заштита од коронавирусот, покрај редовно миење раце и самоизолација, најдоброто што може да го направиме за себе е да продолжиме со хранење на умот.

Токму затоа Kajgana.com се здружи со супер ликови од нашите урбани и културно-уметнички кругови кои ќе предлагаат нивни листи со филмови, серии, книги, албуми и слично, со кои можете да го збогатите вашето секојдневие.

Сигурно веќе ги погледнавте предлозите на фотографката Ерина Богоева и на тимот на Моден викенд Скопје, а следен на листата е Моџо Килингтон, Божидар Божиновски... како сакајте викајте го, дечкото има што да каже.

Ни испрати одлична листа со предлози за филмови, музика и книги која ви ја пренесуваме во целост, не е Моџо за едитирање.

Здраво. Јас сум Моџо. Ако сме роднини веројатно ме знаете, ако не пак тој сум. Поздрав мамо ме има на интернет, а не е во црна хроника. Тимот од Кајгана побара од мене да направам листа на филмови, серии, албуми, книги за #СедиСиДома и да им се пишам жирант. Жирант не им се пишав, но затоа еве препораки.

Филмови

Не сум некој филмофил, со оглед дека за тоа треба концентрација подолга од стори на Инстаграм, а во ова време ретко кој ја има. Сепак ова е мојот избор.

Балкански шпиун (Југославија)

Тука доаѓа до израз генијалноста на Бата Стојковиќ, неговата неверојатна глума во пар со Мира Бањац. Филмот е одраз на едно општество во пропаѓање, со навраќање на неговата младост кога бил уште идеалист дека може да се гради социјализам и еднакво општество за сите.

Живот је леп (Југославија)

Уште еден филм за оштество во својата финална фаза на распаѓање. Повеќеслојноста на филмот му дава уште поголема тежина затоа што денес од историски аспект можеме да ги набљудуваме тие симболики кои ги има во секој кадар.

Dolls (Јапонија)

Такеши Китано успева да допре и до оние кои се од различни култури и да ги пробуди човечките чувства кои се нитката која нѐ спојува сите, без разлика на класа, националност, вера... Прекрасен и емотивно и визуелно.

Ноќен чувар (Русија)

Во времето кога излезе беше сметан за рускиот Матрикс, па нормално во 2000 и некоја кога филмови се изнајмуваа на двд очекуваш лош римејк на Матрикс. Нема никаква врска со Матрикс, освен одличните визуелни ефекти и за тоа време, а и за сега. Тимур Бекамбетов после продолжи со холивудска кариера, а филмот има и втор дел, кој е за нијанса послаб од првиот.

Мирно лето (Македонија)

Можеби единствениот македонски филм кој не е за социјални теми, партизани или тешкиот живот. Филм кој тогаш, во 1961 е во тек со европската кинематографија и надежта што се случува низ Европа. На исто место Џундева, Петре Прличко, Дарко Дамевски, Илија Милчин, Мери Бошкова... Покрај филмот убаво е да се види, како временско патување и Охрид во тоа време, новоотворениот Хотел Палас, местата кои ги знаеме како изгледале некогаш.

Албуми

Во овој дел можев да пуштам Битлси, Стоунси, Сабат, Дорс, Цепелин и сѐ она што го слушам секојдневно, но поентата е да откриваме. Затоа еве дел од она скриено богатство кое можеби некој не го знае.

Os Mutantes – Os mutantes (Бразил)

Нарекувани уште бразилските Битлси, многу наликуваат на нивните англиски колеги со што во психоделијата ја имаат вметнато и бразилската традиционална музика со што се добива нов стил кој ќе владее во Бразил – тропикалија. Нема да трае, воената хунта не ја сака таа слобода па и Os mutantes (кои уште свират во 100 пати променет состав) завршуваат брзо оставајќи печат врз историјата.

Janko Nilovic – Impressions of funk (Франција)

Французин со црногорско потекло роден во Истамбул и еден од најплодните композитори во современата музика. Секој негов албум плени. Дали ќе се задлабочите во него или ќе свири во позадина, добар е за сѐ.

Ден за ден – Ден за ден (Македонија)

За жал бенд со само еден албум. Албум во кој е доведен до совршенство џез рокот. Штета е што бендот не создаде повеќе материјал, но после слушањето на албумот и неговата совршеност нема ни потреба повеќе да создаваат. Каде би после ова?

Sir Lord Baltimore – Kingdom Come

Своевремено бенд кој бил предгрупа на Блек Сабат на првата турнеја во САД. Иднината изгледала светло за нив, но во рокот не е ништо како што изгледа. Единствениот албум од тоа време е одличен хард/стонер рок. Издаваат и втор албум после 40-тина години, како преродени христијани со христијански рок и се откажуваат од првиот албум. Во секој случај добар рок.

Tom Zé - Estudando o Samba

Луѓето велат да не се споделуваат омилените албуми со други. Сепак еве го, омилениот албум. Се пушта некаде пред зајдисонце, се остава се и додека сонцето негде тоне ова создава магија. Уживајте!

Книги

Кујна – Банана Јошимото (Јапонија)

Составена од две сосема различни приказни во книгата се опишуваат животите, стравовите и болките на просечни Јапонци. Исто како и Китано и Јошимото ни ги доближува основните чувства на загуба, болка, тага кои ги чувствуваме сите и кои не прават еднакви.

Орхан Памук – Снег (Турција)

Одличен роман. Измешан со историја, политика во провинција во Турција завена од длабок снег. Се разбира тука е љубовта која ги спојува сите овие претходни фактори во една прекрасна приказна.

Неле – Фајронт во Сараево (Србија)

Топ листа надреалиста се ненадминат феномен на овие простори, пророци кои ни ја покажаа иднината уште пред да ја живееме. Сараево, средна на 80-ти, културен бум на сите полиња, а на сред тоа неопримитивизмот и Неле. Приказната зад сѐ тоа во книгата.

Лудвиг Фоербах – Есенција на религијата (Германија)

Ја немам прочитано ама ако ја има некој прочитано нека ја раскаже.

Бодлер – Цвеќињата на злото (Франција)

Малку поезија. Иако ова е најпознатото дело на Бодлер, тука е ставено само како наслов. Нема да промашите со што и да земете од Бодлер, По, Рембо...