Книги
СЕДИ ДОМА И ЧИТАЈ ДЕКАМЕРОН

#СедиДома и читај новели: „Славејот на Катерина“

25. март 2020 - 20:11 | Ф.З.

„Декамерон“ на Џовани Бокачо е книгата која најдобро коренспондира на ситуацијата во која се наоѓаме. Затоа, нашата идеја вели да читаме барем по една новела секој ден за да си пополниме дел од времето кое сега го имаме и тоа како вишок.

Бокачо ја издал „Декамерон“ во 1353 година и таа претставува збирка на 100 новели. За време на чумата во Фиренца, група млади луѓе (7 жени и 3 мажи), се засолнуваат во една куќа надвор од градот и за да не им биде здодевно за секој ден определуваат крал или кралица кој ќе кажува што да прават. Во текот на тие десет дена сите десетмина секој ден раскажуваат по еден расказ на определена тема зададена од одговорниот на денот.

Седмиот наш избор е приказната за младата Катерина која со изговор дека ѝ е жешко и дека сака да слуша како славеј ѝ пее, ги натерала родителите незнаејќи да ја пуштат на ноќна авантура со згодниот Ричардо.

„СЛАВЕЈОТ НА КАТЕРИНА“

Не толку одамна во Ромања живееше еден многу чесен и љубезен витез, кого го викаа господин Лицио од Валбона, а кому судбината во староста му подари ќерка, која тој ја доби со својата жена, госпоѓата Џакомина. Девојчето порасна така убаво и мило што немаше поубаво во целиот крај. А бидејќи беше една на татко ѝ и на мајка ѝ, ја сакаа премногу и ја чуваа надевајќи се дека ќе ја омажат во некоја добра и богата куќа.

Вп домот на господинот Лицио честопати доаѓаше и се задржуваше еден младич, убав и строен, од куќата на Манарди од Бретиноро, наречен Ричардо, гледајќи ја често прекрасната девојка со такво убаво воспитание и веќе стасана за мажење, се заљуби силно во неа, но грижливо ја криеше таа своја љубов. Девојката, сепак, го забележа тоа и не плашејќи се ни малку, исто така го заљуби. Тоа многу го израдува Ричардо. Многупати посакуваше да ѝ каже некој збор, но од страв си молчеше. Сепак, еднаш, кога му се стори згоден часот, се осмели и ѝ рече:

– Катерина, те молам да не дозволиш да си умрам од љубов.

Девојката веднаш му одговори:

– Со Божја волја, ти да не дозволиш јас да умрам за тебе.

Овој одговор уште повеќе го охрабри и гои арадува Ричардо, па ѝ рече:

– Јас секогаш ќе правам сè што ќе биде само по твоја волја, но и ти треба да најдеш начин за спас на мојот и на твојот живот.

Тогаш девојката рече:

– Ричардо, ти гледаш колку строго внимаваат на мене, така што јас не можам да смислам начин на кој би можел да дојдеш кај мене, но ако ти умееш нешто да смислиш, а јас да го сторам беа да се посрамотам, кажи ми и јас веднаш сè ќе сторам.

Откако само малку размисли, Ричардо ѝ рече:

– Слатка моја Катерино, не умеан да смислам ништо друго, туку ти да си наместиш за спиење на балконот, кој се наоѓа над градината на татко ти, или барем да излезеш на него, па ако знам дека си таму, јас сè ќе сторам да се качам, колку и е високо.

На ова Катаеина одговори:

– Ако ти имаш храброст да дојдеш, јас ќе сторам сè што е во моја моќ таму да преспијам.

Ричардо се согласи, а потоа само еднаш набрзина се бакнаа и веднаш се разделија.

Следниот иот ден, бидејќи беше веќе при крајот на мај, девојката почна да ѝ се жали на мајка ѝ дека минатата ноќ не можела да заспие од преголемата жештина.

Мајката рече:

– О, ќерко моја, каква жештина? Напротив, не беше воопшто жешко.

На ова Катерина одговори:

– Мајко моја, би требало да кажете 'според мене' и можеби би ја кажале вистината, но истотака би требало да помислите и на тоа колку им е пожешко на девојките отколку на зрелите жени.

Тогаш жената рече:

– Ќерко моја, тоа е точно, но јас не можам да наредам времето да биде жешко или студено според твојата волја. Времето треба да се поднесува онака како што е нормално за годишното доба, впрочем, можеби вечерва ќе биде малку посвежо, па и ти подобро ќе спиеш.

– Да даде Господ, но одиме кон летото и не ми е многу веројатно ноќите во иднина да стануваат посвежни, рече Катерина.

– Тогаш, што сакаш да сториме?

Катерина одговори:

– Доколку вие и татко му одобрите, јас со задоволство би си наместила еден мал кревет на балконот кој се наоѓа спроти неговата одаја, над градината, па таму би спиела. Уште кога ќе го чујам славејот како пее, сместена во ладовина, ќе ми биде многу подобро отколку во вашите одаи.

Мајка ѝ тогаш ѝ рече:

– Смири се ќерко, ќе зборувам со татко ти, па како што ќе рече тој, така ќе биде.

Кога слушна господинот Лицио што му изнакаќа жена му, бидејќи беше веќе стар и малку намќорест, рече:

– Море, каков е тој славеј покрај кој сака да спие? Ќе ја натерам јас неа да заспие и штурците кај што пеат.

Кога го слушна ова Катерина, повеќе од огорченост отколку од горештина, не само што не спиеше цела ноќ, туку ни на мајка ѝ не ѝ даваше да склопи око, жалејќи се на големата жештина. А мајка ѝ, слушајќи го сето тоа, уште изутрина отиде кај господинот Лицио и му рече:

– Господине, вие навистина немате милост кон оваа млада девојка, ама што ќе ви пречи ако оди да спие на балконот? Цела ноќ не можеше да се смири поради горештината и зошто толку се чудите оти сака да ја слуша пеасната на славејот? Таа е млада девојка, а на младите им е драго сето она што наликува на нив самите.

Господин Лицио, кога го чу тоа, одговори:

– Ајде, добро, нека ѝ се донесе еден кревет што ќе го сместат таму и нека се покрие сиот наоколу со завеса, па нека спие и нека го слуша славејот колку ѝ е волја.

Девојката кога слушна за тоа, веднаш нареди да ѝ се направи постела и бидејќи веќе следната ноќ требаше да спие таму, чекаше сè додека не дојде Ричардо. Тогаш му даде знак, како што се беа договориле, за да знае што да прави. Кога господин Лицио виде дека девојката легнала, ја затвори вратата што водеше од неговата соба на балконот и си легна и самиот.

Ричардо, кога виде дека сè се смирило, со помош на скали се искачи на некој ѕид со голема мака и со опасност да падне се искачи на балконот, каде што девојката го прими тивко и со најголема радост. Откако се бакнаа многупати легнаа заедно и цела ноќ се забавуваа и многупати го натераа славејот да пее. Но, бидејќи ноќите беа кратки, а сладоста голема, денот веќе неочекувано се наближуваше, уште така загреани и од топлата ноќ и од забавата, онака голи заспаа. Катерина со десната рака го гушнала Ричардо околу вратот, а со левата го фатила за она што девојките во друштво на мажи се срамат да го кажат.

Обајцата заспале така цврсто, што не се разбудија ни кога се раздени и кога господин Лицио стана. Спомнувајќи си дека ќерка му спие на балконот, тивко ја отвори вратата и си помисли:

– Ајде да видам како ноќва славејот ја успал нашата Катерина.

Тивко излезе на балконот, ја крена завесата што ја опкружуваше постелата и ја виде неа и Ричардо како спијат онака голи, прегрнати на претходно опишаниот начин. Ричардо веднаш го препозна, па брзо излезе оттаму, отиде во одајата на жена му и ја викна велејќи ѝ:

– Побрзај жено, стани и дојди да ја видиш ќерка ти, која толку сакаше славеј, како го фатила сега и си го држи во раката.

– Како е тоа можно тоа?, запраша жената.

– Ќе видиш ако побрзаш, одговори господинот Лицио.

Госпоѓата се облече набрзина, тивко отиде по господин Лицио и кога дојдоа обајцата до постелата, ја кренаа завесата, а госпоѓата Џакомина убаво можеше да ја види ќерка си како го фатила и го држи славејот, по чие пеење толку копнееше. Госпоѓата, сметајќи дека Ричардо ги измамил, сакаше да вика на него и да го искара, но господин Лицио ја замолкна:

– Жено, во име на мојата љубов, те молам не кажувај ни збор, зашто ако сакаш по право, штом веќе го фатила, нејзин ќе биде. Ричардо е младич пристоен и богат, подобар маж и не можеме да ѝ најдеме, па ако сака со добро да си отиде од овде, ќе треба прво да ја земе за жена, па така славејот ќе го става во свој кафез, а не во туѓ.

Жената малку се смири кога виде дека мажот не се вознемири премногу од овој настан, па гледајќи дека ќерката убаво се наспала и се одморила заедно со славејот, и таа замолкна.

Не помина долго време, се разбуди Ричардо и гледајќи дека веќе сосема се разденило, на смрт се преплаши, па ја викна Катерина велејќи и:

– Леле, душо моја, што ќе правиме? Веќе се разденило, а јас сѐ уште сум тука?

На овие зборови се доближи господинот Лицио, го поттргна платбото и одговори:

– Убаво ќе правиме!

Кога го виде Ричардо, му се чинеше како некој да му го откорнал срцето од градите, седна на постелата и рече:

– Господару мој, во името на Бога, милост ви барам. Знам дека постапив лошо и нечесно и дека заслужувам да умрам, па сторете со мене онака како што мислите. Само ви се молам, ако можете да ми го поштедите животот и да не ме убивате.

На ова господинот Лицио му рече:

– Ричардо, ова не сум го заслужил од тебе за љубовта и довербата што сум ти ги укажувал секогаш. Но, кога е така, и кога младоста те навела на овој грев, за да си го спасиш животот, а мене да ме поштедиш од срамот, земи ја Катерина за своја законска жена, па како што била твоја оваа ноќ, така нека биде дури е жива. Само така можеш и мојот мир да го вратиш и себеси да се спасиш. Ако нејќеш така, помоли му се на Бога за душата твоја.

Додека тие рразговараа, Катарина го пушти славејот, се покри и почна силно да плаче и да го моли татко си да му прости на Ричардо, а Ричардо да го стори тоа што го бара од него господинот Лицио, за да можат така во мир и сигурност уште многу такви ноќи да уживаат. Многу молби не баш потребни, зашто од една страна поради срамот поради сторениот грев и желбата да се покае гревот, а од друга страна поради стравот од смртта и желбата да ѝ избегне и притоа и пламената љубов и копнеж да го поседува саканото суштество, сторија Ричардо мирно и без колебање да одговори дека е готов да го стори тоа што сака господинот Лицио. Затоа Лицио побара од госпоѓата Џакомина еден од нејзините прстени, па истиот час пред нив Ричардо ја зеде Катерина за жена. Кога го завршија тоа, господинот Лицио и жената си отидоа велејќи им:

– Сега одморете се, оти тоа ви е можеби попотребно отколку да станете.

Кога тие си заминаа, младите се прегрнаа пак и бидејќи таа ноќ минале само шест милји, минаа уште две пред да станат и така помина нивниот прв ден. А кога станаа, Ричардо поразговара мирно за сè со господинот Лицио, па по неколку дена, како што прилега, во кругот на пријателите и роднините, повторно ја зеде за жена девојката и свечено ја одведе дома, каде што приреди богата свадба и потоа со неа долго и на мир ловеше славеи, дење и ноќе, кога ќе му се посакаше.