Свет

Сан Франциско е првиот град што ја забрани технологијата за препознавање лица

15. мај 2019 - 15:14 | К.З.

Американскиот град Сан Франциско вчера гласаше против новата технологија за препознавање лица, поради стравот дека поради неа би можела да биде нарушена приватноста на граѓаните.

Законодавците на Сан Франциско изгласаа забрана за користење на технологијата за препознавање лица. Ваквата технологија нема да се користи од страна на сообраќајната полиција и законодавците, а секаков план за набавка на истата ќе мора да биде проверен и одобрен од градската управа.

Противниците на одлуката тврдат дека со овој потег се загрозува безбедноста на луѓето и дека стапката на криминал во иднина ќе порасне. Оние, пак, кои ја поддржуваат одлуката сметаат дека технологијата е недоверлива и дека со нејзина помош се крши приватноста и слободата на луѓето. Системот, велат тие, е полн со грешки, посебно кога се работи за жени или мажи кои имаат потемна боја на кожата.

„Со ова гласање Сан Франциско јасно покажа дека технологијата за препознавање лица е неспоива со демократијата и дека граѓаните заслужуваат да кажат што мислат за ваквиот вид надзор“, рече Мет Кејгл од Американското здружение за граѓански слободи во Калифорнија.

Ваквата технологија нема да се користи на градските улици и згради, но и понатаму ќе се користи како дел од обезбедувањето на аеродромот во Сан Франциско.