Вести

Samsung ја објасни мистериозната нотификација што корисниците ја добија ноќеска

20. февруари 2020 - 14:44 | А.С.

Samsung упати извинување до своите корисници откако по грешка испрати порака со итно известување до илјадници уреди во текот на ноќта.

Корисниците на Samsung уреди ноќеска добија нотификација од Find My Mobile.

Некои корисници се пожалија на социјалните мрежи дека нотификацијата ги разбудила, додека други биле загрижени дека уредот им е хакиран.

Во соопштението, Samsung вели дека нотификацијата била испратена „ненамерно“ и на „ограничен број“ уреди.

Илјадници корисници се огласија на социјалните мрежи и на платформата Reddit, а голем дел од нив споделија скриншот од нотификацијата и прашуваа што би можело да значи.

Нотификацијата најверојатно стигна на сите уреди на кои е инсталирана Find My Mobile на Samsung, вклучувајќи ги смартфоните од флегшип линијата Galaxy S, новиот уред Z-Flip и некои Samsung таблети.

Во нотификацијата немало никаков позначаен текст и не се случувало ништо кога корисниците ја отвориле.

Samsung рече дека пораката била дел од интерен тест и дека не направила никаква штета на уредите што ја добиле.