Тенис

Ролан Гарос поместен поради коронавирусот, ќе се игра наесен

17. март 2020 - 20:19 | А.С.

Тениските натпреварувања во машка (ATP) и женска (WTA) категорија се одложени до следна одлука, а Ролан Гарос е поместен и ќе се игра од 20 септември до 4 октомври, соопшти Тениската федерација на Франција.

Вториот Грен слем турнир во сезоната требаше да се игра од 24 мај до 7 јуни, а квалификациите за турнирот требаше да почнат на 18 мај. Но, со пандемијата на коронавирусот, многу работи се сменија.

„Денес никој не може да предвиди каква ќе биде здравствената ситуација на 18 мај и мерките за заштита ги оневозможуваат подготовките за турнирот. Сакаме да го зачуваме здравјето на своите вработени и на набавувачите за време на подготовките на турнирот. Затоа одлучивме турнирот да се игра од 20 септември до 4 октомври“, соопштија организаторите.

„Тешка, ама храбра одлука што ја донесовме во овој важен миг. Се однесуваме одговорно и мора да бидеме солидарни едни со други во оваа борба за здравствена безбедност“, рече Бернар Гудичели, претседателот на Тениската федерација на Франција.