Рецензии

[РЕЦЕНЗИЈА] „Hellboy“ е еден голем, спектакуларен филмски хаос

12. април 2019 - 12:42 | Кирил Зарински

Римејкот на „Hellboy“ конечно се појави во киносалите ширум светот, по долги години обвиени во мистерија околу иднината на оваа филмска франшиза. А можеби ќе беше подобро воопшто да не се појавеше.

Базиран на култниот стриповски херој на Мајк Мињола и режиран од страна на Нил Маршал, „Hellboy“ е еден грандиозен, спектакуларен хаос кој дава сѐ од себе за да го натера гледачот да заборави на сите добри работи поврзани со стрипот и да се запраша „Зошто воопшто го гледам филмов?“.

Поминаа 11 години откако последен пат го видовме Хелбој на филмското платно, во филмот „Hellboy II: The Golden Army“. Оттогаш режисерот и сценарист на филмот, Гиљермо дел Торо, со сите сили се обидуваше да го убеди студиото Universal да му обезбеди буџет за трет дел, кој би ја заокружил приказната во трилогија – баш по вкусот на симпатичниот Мексиканец. Но, наместо тоа, одговорните лица во Universal решија да го игнорираат дел Торо и да направат целосен рестарт на франшизата, со нови лица и нов креативен тим. Планот не звучеше толку лошо ама истото не може да се каже за резултатот.

„Hellboy“ (2019) изгледа како филм направен онака, колку да биде направен. А секогаш кога се прави нешто ради реда, крајниот резултат не може да биде нешто повеќе од медиокритет, или во овој случај – ни тоа.

Од каде да започнам? Режисерот Нил Маршал изгледа како едвај компетентен филмски работник кој е залутан на вака голем и ризичен филмски проект. Камерата е во фокус и боите се пригодни, односно ја надополнуваат атмосферата на филмот – но тоа се сите позитивни работи кои имам да ги кажам за Маршал. Поставеноста на сцените, а посебно оние акционите, е прилично лоша. Во најголем дел од сцените со тепачки (освен онаа главната, најголемата) воопшто не се гледа кој учествува во тепачката. Кореографиите за борбените сцени се досадни, неимагинативни и разочарувачки со оглед на тоа дека се работи за филм кој е инспириран од стрип – што значи дека очекувањата за реалистичноста на борбите е на многу ниско ниво.

Квалитетот на филмот дополнително го симнуваат актерите, кои апсолутно потфрлија во нивните улоги. Лошото сценарио, кое можеби е и најлошиот дел од филмот, можеше да биде поправено единствено со добар актерски перформанс... За жал не го добивме тоа.

Почнувајќи од хорор-дивата Мила Јовович, која глумеше како актерка која се обидува да ја имитира Мила Јовович, наместо како искусна и квалитетна актерка што со години се појавува во некои од најголемите филмови во Холивуд. Тука се и многу квалитетните Брајан Глисон и Иан Мекшејн, од кои очекував многу повеќе, а добив само просечна актерска претстава достојна за нискобуџетен филм кој припаѓа на кабловска телевизија. А крајот, капакот на сѐ е Дејвид Харбор („Stranger Things“), кој успеа да биде досаден во улогата на Хелбој – нешто што ретко на кого му успева. Веројатно беше одбран поради длабокиот глас кој му одговара на Хелбој, но сметам дека маската не можеше да го покрие недостатокот од актерски квалитет (или пак незаинтересираноста за проектот).

И да, што е со маската на Хелбој? Сигурно во буџетот од 50 милиони имаше доволно средства за креирање на маска што нема да изгледа на нешто што припаѓа на сцена од аматерски театар. Што е муабетот со роговите на Хелбој? Зошто изгледаат толку лошо? Ах, зошто воопшто се трудам? Ништо во „Hellboy“ не е логично.

Подучени од најпрофитабилните филмови на боксофисот со години наназад, студиото Universal реши да направи комбинација од хорор и филм со суперхерој. Не успеа ниту во едното, ниту во другото.

„Hellboy“ (2019) е една голема, долга, права линија. Тонот е константен, но не на добар начин. Буквално секоја сцена во филмот, без разлика дали се работи за откривање на клучен дел од приказната, пресврт, шега, претставување на нов лик или убивање на некој од постоечките е претставен на ист начин – рамно и безживотно, што дава впечаток дека приказната воопшто не е важна.

Не знам колку ќе заработи филмот на боксофис и искрено не ми е многу важно. Тие бројки им се важни само на луѓето од Universal, кои направија сѐ за да ни дадат до знаење дека планираат да направат франшиза од „Hellboy“. Ама не сакам да се случи тоа. Можеби нов обид би било пологично решение за таков култен и квалитетен стриповски лик. Или можеби треба да го остават да мирува, барем уште некое време.

Сакам да кажам, не одете да го гледате „Hellboy“. Има подобри начини да потрошите два часа.