Живот

Реална приказна за слабеењето: Како е да изгубиш 68 килограми?

4. април 2019 - 15:10 | А.С.

Аријана Омипи е една од оние луѓе кои решиле драстично да го сменат начинот на живеење и како резултат на тоа да има естетски и здравствено подобро тело и општо поквалитетен живот.

На 24 години тежела 130 килограми, што била најголемата нејзина тежина. Сега има 68 килограми помалку и просто блеска.

„Никогаш не сум била несреќна или незадоволна од тоа како изгледав, но кога веќе дебелината почна да ми се одразува на здравјето, сфатив дека мора нешто да променам. Патувањето беше долго, промената не се случува преку ноќ и секогаш трае.

Првите промени што ги направила биле во однос на нејзиното ментално здравје. Таа смета дека негативната настроеност и желбата да се слабее само од естетски побуди само го отежнуваат процесот. Откако „ќе си ја средите главата“ може да почнете да барате помош и совети од стручни лица за слабеење, почнувајќи од начинот на исхрана, вели Аријана.

„Почнав со кето диета (ниско ниво на јаглехидрати), но за мене тој режим на исхрана не беше одржлив долгорочно и постојано чувствував глад. Затоа најдов други решенија за да ја елиминирам основната причина зошто се дебелеам и да воспоставам здрав режим на исхрана што ми одговара мене.“

Имала неколку јо-јо периоди во процесот на наоѓање на начинот на слабеење што ѝ одговара.

Нејзиниот пат бил отежнат од онлајн малтретирање и омаловажување. Таа почнала да објавува фотографии со опис за нејзиниот напредок и се појавиле онлајн силеџии кои ја омаловажувале и ѝ пишувале злобни и сурови коментари за нејзиниот изглед и нејзината борба со килограмите.

„Имаше многу љубомора и несфатеност од страна на некои луѓе кои беа сурови кон мене“, се сеќава Аријана.

Следна фаза во процесот била операцијата за отстранување на дел од стомакот. Аријана решила овој дел од приказната да не го сокрие од луѓето кои ја следеле на социјалните мрежи, за да покаже точно што сѐ правела и низ што сѐ поминала, колку и да било болно и да изгледало грдо.

„Оваа операција воопшто не е лесна и носи значителен ризик – висок ризик од смрт при операција, внатрешно крварење, згрутчување на крвта што може да предизвикаат мозочен удар, а има и голем ризик од компликации потоа. Ветив дека ќе бидам искрена за моето патување и тоа и го направив“, вели Аријана.

Досега нема направено естетски операции.

„По драстичното слабеење, имам вишок кожа на многу делови од телото и стрии, особено на стомакот. Сметам дека е важно да ги прифатам како дел од мене и да ги носам со самодоверба, но ако некој сака да упати навреди на сметка на тоа, слободно. Мене не ме допира тоа.“

„Не потценувајте колкава промена може да се случи само за една година, но исто така не очекувајте чуда. Бидете посветени на промената и бидете искрени со себе. Промената ќе се случи, порано или подоцна ако сте истрајни и посветени. Гледајте на тоа како долгорочна инвестиција во своето здравје“, им порачува Аријана на своите следбеници во еден Instagram пост.