Живот

Реакцијата на вработени кога ќе добијат неверојатен божиќен бонус

12. декември 2019 - 16:53 | Б.С.Б.

Кога сопственикот на агенција за недвижнини од Мериленд, САД на вработените во неговата фирма во текот на празничната прослава им дал црвени коверти, никој не очекувал дека ќе добие неверојатен божиќен бонус.

Околу 198 работници од компанијата St. John Properties откако ги отвориле ковертите доживеале пријатно изненадување. Секој од нив добил бонус вреден во просек 50.000 долари. Вкупната вредност на бонусот изнесува околу 10 милиони долари.

„Кога го отворив ковертот не можев да поверувам во тоа што го гледам. Немам зборови со кои на вистински начин ќе опишам како се чувствувам, само знам дека ова е неверојатно и прекрасно. Сè уште сум во шок. Ова дефинитивно ќе ги промени нашите животи“, вели Стефани Риџвеј која работи како асистент менаџер во фирмата.

Директорот Лоренс Мејкранц изјави дека ја достигнале најголемата деловна цел и затоа сакале да направат нешто со кое на вистински начин ќе им се заблагодарат на вработените.

Секој работник добил награда во согласност со бројот на години минати во фирмата. Најмалиот бонус е 100 долари, а го добил работник кој само што е ангажиран и сè уште не почнал со работа. Најголемиот бонус е 270.000 долари.

Компанијата има 9 филијали, а за потребите на оваа прослава ги платила сите патни трошоци, сместување и забава за вработените.

„Се гордееме со нашите вработени, тие се темелот на успехот на компанијата и затоа сакавме да изразиме голема благодарност. Мислам дека успеавме во тоа“, вели Мејкранц.