Во рамките на кампањата „Читаме современи македонски автори“ на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, вечерва ќе се одржи разговор со поетесата Долорес Атанасова-Лори, авторка на книгата на месецот „Сега ТИ стануваш ЈАС“.
Настанот е закажан во 19 часот во спомен-собата „Т’га за југ“ во библиотеката, а разговорот со поетесата ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска. Стихови ќе чита Андреј Серафимовски.
„Сега ТИ стануваш ЈАС“ (во издание на „Чудна шума“) е најновата книга од вториот циклус на големата кампања за промоција и поддршка на македонските писатели и на македонскиот јазик, што ја спроведува Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ - Скопје.
„Погледни го човекот во себе и погледни го човекот во другиот, и ќе видиш сè што сме направиле и сè што би можеле да направиме, не сме ние толку различни еден од друг, повеќе сме исти на различен начин. Во нас живее сè од секого, нешто од тоа е будно, нешто заспано, ние сме она што одбираме да го разбудиме во нас“, стои во белешката од авторката.
Д.А. Лори својата прва збирка поезија „Будење во трето лице еднина“ ја издава во 2014 година. Во 2016, од печат излегува „Со ветрот под рака“ (ИК Антолог), во 2019, излегува нејзината трета книга, „Небо во кафез“. Добитник е на наградата „Тодор Чаловски“ за 2019 година, по што излегува четврта книга „Ќе фатит бран“. Нејзини песни се објавувани во поетската збирка 100.000 поети за промена и е-книгата Поетискон, како и на страната на Словокулт, онлајн магазин за уметност и литература, и Fixpoetry, германска платформа за литература на интернет. Поезијата на Д.А.Лори е исто така објавена во монографијата на Астални проекции, како и во најстарото македонско списание за литература, култура и уметност, „Современост“. Таа е добитник на интернационалната награда на Антево Слово, која за првпат беше доделена во 2017 во склоп на италијанската поетска манифестација Анџело ла Векија. Во 2020 за книгата поезија „Небо во кафез“, беше во потесниот круг за наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшки вечери на поезијата. Нејзините стихови се преведени на германски, англиски, српски, хрватски, италијански и шпански јазик.