Фудбал
ЛИГА НА ШАМПИОНИ 2019/20

Рамос: Кога ќе почне химната на ЛШ добиваме екстра мотивација

26. февруари 2020 - 12:53 | Ф.З.

Во вечерашниот судир на титаните на Реал Мадрид и Манчестер Сити, домашниот капитен не гледа ништо посебно, за него секој натпревар во Лигата на шампионите е доволно мотивирачки.

„Лигата на шампионите е посебно натпреварување за нас. Уште кога ќе почне химната, тоа додатно нѐ мотивира и нас и нашите навивачи. Не е случајност што токму ние го држиме рекордот за најмногу титули во Лигата на шампиони“, вели Серхио Рамос.

Мадриѓаните влегуваат во овој дуел по неочекуваниот пораз во саботата на гостувањето кај Леванте на нашиот Енис Барди.

„Фудбалот се игра за резултати. Нашиот тим не е променет, но се случи и да загубиме натпревар иако сме играле добро (против Леванте). Сега е моментиот на вистината во Лигата на шампиони, а се наближува и Ел Класико, такашто ова е перфектен момент да ги покажеме нашите намери. Нема време да се сожалуваме самите себеси“, смета играчот со бројот 4.

Рамос се навраќа на гостувањето во Валенсија. Тој пораз не ја разниша атмосферата помеѓу „Кралевите“, но поради нефго го загубија порвото место во Ла Лига кое сега го окупира лутиот ривал Барселона. Проблемот во Валенсија беше реализацијата, од вкупно 19 удари Реал не постигна ниту еден гол.

„Не е дека не создаваме шанси. Она што ни недостасуваше беше гол, но е сосема непотребно да дистутираме на темата недостаток на голови бидејќи сѐ уште има многу од сезоната. Тимот многу од работите ги прави онака како што треба“, е уверен капитенот.

Вечерва против нив ќе истрча тим предводен од Пеп Гуардиола, човекот кој им беше ноќна мора додека ја водеше Барса.

„Гуардиола е фантастичен стратег, но ние во Лигата на шампиони сме мотивирани без разлика против кого треба да играме“.

Натпреварот се игра вечерва на „Сантјаго Бернабеу“ од 21 часот, а ќе го суди италијанскиот арбитар Даниеле Орсато.