Живот

Работа во Германија: Колку навистина се заработува во „ветената земја“?

11. ноември 2019 - 15:13 | А.С.

На поранешните југословенски простори, вклучувајќи ја и нашата земја, Германија се смета за „ветената земја“, барем во поглед на висина на плати и услови за живот.

Но, платите во Германија и не се така високи, тврди Deutsche Welle, откако ќе се пресметаат трошоците.

Германскиот државен информациски сервис направи анализа колку се навистина високи платите во Германија, каде многу наши државјани заминуваат да работат во потрага по „подобар живот“.

Статистичките податоци покажуваат дека просечната бруто плата во Германија во 2018 година изнесувала околу 2.950 евра. Но, просечната нето плата (она што им „легнува“ на работниците на сметка) е значително пониска. Поточно – 33% пониска и изнесувала 1.945 евра, објави DW.

Зад овие речиси 1.000 евра разлика меѓу бруто и нето износот стојат давачки за државата во вид на даноци и придонеси за разни осигурувања.

Висината на даноците што секој месец се одбиваат од платата зависи од даночната класа на вработените (има шест класи), односно дали живеат во брачна заедница, дали се самохрани родители, дали брачниот другар работи, колку заработува, дали работи на неколку места и слично.

Минималец од 9,2 евра на час

Германија е една од земјите во ЕУ со законски пропишан минималец на час. Тој моментално изнесува 9,19 евра.

Највисока законски пропишана минимална саатнина има Луксембург (11,97 евра), а повисока од Германија имаат уште четири членки на ЕУ: Белгија, Ирска, Холандија и Франција.

Најниска минимална саатнина имаат Бугарија (1,72 евра), Летонија (2,54 евра), Романија (2,68 евра), Унгарија (2,69 евра) и Хрватска (2,92 евра). Тука се пресметани бруто износите.

DW ја илустрира разликата меѓу бруто и нето платата врз основа на два случаи: за брачна двојка со две деца каде едниот брачен другар заработува повеќе од другиот и има просечна германска плата од 2.948 евра месечно, како и за самец без деца кој зема исто толку висока плата.

На мајката или таткото на две малолетни деца, по одбивање на 167 евра данок, 215 евра придонес за здравствено осигурување (7,65%), 274 евра за пензиско осигурување (9,2%), 36 евра за осигурување во случај на невработеност (1,25%) и на крај 45 евра за осигурување за нега во старост (1,525%), на сметка им остануваат 2.209 евра.

Лицето кое живее без брачен партнер и нема дете, од бруто плата од 2.948 евра на сметка ќе добие само 1.944 евра, бидејќи плаќа многу повисок данок.

Плус, ова лице треба да плати и 22 евра данок на солидарност, од кој мајката, односно таткото на децата се ослободени. Ако се членови на католичката или протестантската заедница, ќе им бидат одземени уште 40-тина евра за црковен данок.

Просечната плата не е одраз на реалната ситуација

Меѓутоа, просечната плата е апстрактен статистички податок кој не кажува многу за тоа колку се добро или лошо платени вработените во одредени професии.

Разликата меѓу оние на врвот на листата според примањата и оние на дното е огромна.

Докторите со титула „примариус“ може да заработуваат и повеќе од 120.000 евра годишно, односно повеќе од 10.000 евра бруто плата месечно, менаџери во финансискиот и трговскиот сектор земаат нешот помалку, а лекари специјалисти 30.000 евра помалку годишно.

Тие на дното на листата едвај врзуваат крај со крај. На неславното последно место е помошниот персонал во кујна кој заработува во просек помалку од 2.000 евра месечно, додека келнерите и фризерите заработуваат само неколку десетици евра повеќе.

Меѓу најлошо платените работни места во Германија се токму оние за кои се „токмат“ повеќето наши надежни гастарбајтери: агенти во кол-центри, кувари, помошен персонал во стоматолошки ординации, негуватели и возачи на камиони.

Значително пониска од просечната германска плата имаат медицинските сестри со мало работно искуство (во јавните здравствени установи), како и воспитувач(к)ите во градинки.

Па, дали платите во Германија се високи? Од персектива на македонските, да. Значително се повисоки и од европскиот просек, но сепак пониски отколку во Швајцарија, Луксембург и Данска, покажуваат статистичките податоци.

Трошоци

DW констатира дека кога се зборува за висина на платата секогаш треба да се има предвид поширокиот контекст - колкави се трошоците за живеење, пред сѐ за храна и станбени трошоци – напоменувајќи дека во тој контекст, во 2017 година едно германско домаќинство во просек трошело 2.517 евра, од кои 897 евра само на стан и сметки.

Според Федералното биро за статистика, просечните трошоци на едно домаќинство се 859 евра месечно, а Германците трошат околу 36% од домашниот буџет на станбени трошоци, струја/плин и одржување.

Некоја заокружена цифра е дека за комунални трошоци се одвојуваат 2,5 евра месечно по квадратен метар стан.

На тоа треба да се додадат трошоците за јавен превоз. Картичката за метро и воз чини 60 до 90 евра месечно, според податоците на сајтот Expatica.com.

Ако семејството има деца што одат во градинка, тоа чини 250-400 евра месечно во државна установа и 600 до 900 евра во приватна.

Здравственото осигурување е задолжително и чини од 80 евра за студенти до 400 евра за вработени.

За храна за едно лице, за основните потреби, се потребни 160-200 евра месечно.