Фудбал

ПСЖ е финансиски најмоќниот клуб

14. февруари 2020 - 15:49 | МИА

Париз, 14 февруари 2020 (МИА) – Францускиот шампион Пари Сен Жермен го замени Манчестер Сити на врвот на финансиски најмоќните клубови, според најновата анкета на Soccerex Football Finance 100.

Парижаните имаат финансиски индекс од 5.318, што е утврдено со вредноста на составот на клубот, материјалните средства и расположливите финансии, како и од потенцијалните инвестиции на сопствениците и нето-долгот.

Студијата покажува дека Пари Сен Жермен успеал да го намали долгот за 70 милиони евра минатата година, додека оној на Манчестер Сити е зголемен за 90 милиони евра.

Германскиот шампион Баерн Минхен ги комплетира првите три од најсилните финансиски клубови, додека Тотенхем и Реал Мадрид се другите во топ пет. Арсенал, Челзи, Ливерпул, Јувентус и Борусија (Дортмунд) се во првите 10.

Меѓу водечките клубови во Европа, Манчестер Јунајтед бележи голем пад од осум позиции и сега е на 16-то место на листата.

Најголемо присуство меѓу најдобрите 100 клубови има Премиер лигата на Англија, која има 18 претставници, на второто место е американската МЛС лига со 17.

Студијата го сместува ФК Лос Анџелес на 18-то место во светот, додека градскиот ривал Лос Анџелес Галакси е на 22-та позиција.