МК сцена

The Prodigy на 14-ти август со концерт во Охрид

11. мај 2016 - 13:41 | И.М.

По краткиот тизер, од Авалон продукција го најавија еден од највозбудливите и најатрактивни лајв бендови во светската музичка индустрија на сите времиња, The Prodigy. Бендот за прв пат ќе има свој open air концерт во Македонија, на 14-ти август, на стадионот „Билјанини извори“  во Охрид, настан под името Ohrid Calling.

„The Prodigy доаѓаат во Македонија во зенитот на својата кариера, кога тие се огромен скоро стадионски бенд, хедлајнери на речиси сите европски и светски фестивали, и тоа една година по излегувањето на нивниот последен албум „Invaders must die“, со кој четврти пат по ред бендот го освои првото место на британската топ листа на албуми“, соопштуваат организаторите, Авалон продукција.

The Prodigy имаат продадено над 25 милиони албуми, а нивните спектакуларни концерти се препознатливи по нивната неверојатна еуфорија. Тие се пробија на музичката сцена со сингловите од вториот и третиот албум „Music for the Jilted Generation“ и „Fat od the Land“, од кои излегоа мегахитовите „Vodoo People“, „No Good (Start the Dance)“, „Firestarter“, „Breathe“, „Smack my bitch up“, „One Love“, „Poison“...

„Како што и самите најавија, за The Prodigy можно е ова да биде нивна последна турнеја, а ова беше можеби и последна можност да ги донесеме во Македонија“, пишуваат од Авалон на нивната Facebook страница.

Влезниците за овој концертен спектакл ќе бидат пуштени во продажба во понеделник (16-ти мај) 9 часот, а сите детали околу влезниците ќе бидат објавени во петок во 19 часот.