Свет

Процесот за отповикување на Трамп продолжува во вторник

17. јануари 2020 - 20:24 | МИА

Вашингтон, 17 јануари 2020 (МИА) – Процесот за отповикување на американскиот претседател Доналд Трамп продолжува во вторник, 21 јануари, кога ќе бидат презентирани воведните аргументи во Сенатот.

Процесот во Горниот дом на американскиот Конгрес официјално започна во четвртокот.

Трамп ќе го бранат во Сенатот познати правници, меѓу кои и Кен Стар, специјален истражител во процесот на отповикување на демократскиот претседател Бил Клинтон во 1998 година, како и истакнатиот адвокат Ален Дершовиц.

Правниот тим на Трамп ќе биде предводен од правниот претставник на Белата куќа, Пет Сиполони и личниот адвокат на Трамп, Џеј Секулов, а ќе им се придружат советникот на Трамп, Пем Бонди и поранешниот независен правен советник Роберт Реј, пренесе CNN.

Сенатот официјално го извести Трамп за продолжување на процесот на отповикување и наводите вчера, на кои мора да се одговори писмено до сабота вечер.

Непартиската и независна владина агенција за надзор, што работи за Конгресот, донесе одлука во четвртокот дека претседателот го прекршил законот со привремено суспендирање на исплатата на воената помош за Украина, што веќе го одобрил Конгресот, притоа вршејќи притисок врз Киев заради политичка корист.