Македонија

Православните верници слават Успение на Пресвета Богородица

28. август 2019 - 10:10 | МИА
Меѓу дванаесетте големи христијански празници спаѓа и празникот Успение на Пресвета Богородица, во народот попознат како Голема Богородица. 

Народот верува дека Богородица е заштитничка на леунките и на жените им помага при породувањето. Исто така и жените што немаат деца веруваат дека со милоста на Пресвета Богородица ќе добијат рожба поради што ги посетуваат нејзините цркви, изведуваат некои обичаи, се молат и принесуваат дарови. Македонскиот народ со повеќе свечености, но и со народни собири, панаѓури и сл. што траеле и по неколку денови ги прославувал празниците на Пресвета Богородица како што се: Мала и Голема Богородица, Собор на Пресвета Богородица, Воведение на Пресвета Богородица (празник познат уште и под името Света Пречиста), Свето Благовештение, Богородичин појас, Покров на Пресвета Богородица, и сл.

Кога Исус бил распнат Богородица стоела покрај крстот и плачела како секоја мајка над судбината на својот син. Од крстот Исус ѝ порачал во иднина да живее кај апостолот Јован и да го има за свој син, а нему му порачал да ја има за своја мајка. 

За време на слегувањето на Светиот Дух врз апостолите со нив била и Богородица така што и врз неа слегол Светиот Дух, при што и таа ги примила неговите дарови. 

Особено Богородица често го посетувала гробот на својот син и го молела што побргу да ја земе кај себе. Набргу Господ Исус Христос ѝ пратил вест дека е скоро часот кога таа ќе умре. Истиот оној архангел Гаврил што ѝ ја соопштил благата вест дека ќе го роди Спасителот, сега ѝ кажал дека е дојдено времето кога таа ќе се пресели кај својот син. Ѝ предал рајска палмова гранка како победа на животот над смртта со барање да ја носат пред одарот за време на погребот. Богородица не се исплашила од оваа вест туку се израдувала што наскоро ќе биде кај својот син. Му кажала на свети Јована, му ја предала рајската гранка и започнала да се подготвува за напуштање на овој свет.

На 15-тиот ден во месецот, во третиот час од денот, Богородица била легната во ковчегот, многу свеќи ја осветлувале просторијата, а апостолите пееле и го славеле Господа Исуса Христа. Богородица го очекувала својот син да ја поведе на небото. Одеднаш силна светлина ја исполнила просторијата, Исус слегол од небото со многу светци и ангели, а Богородица гледајќи го него извикнала: „Мојата душа го велича Господа, и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој, оти ја погледна смиреноста на слугинката Своја, и ете, отсега ќе ме ублажуваат сите родови“, (Лука, 1/46-48) по што без болки ја предала својата душа во рацете на својот син. Тогаш ангелите го запеале поздравот од Благовештение: „Радувај се благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените“. (Лука, 1/28) Во тој момент апостолите виделе како со оваа песна ангелите, заедно со Исус, ја носат душата на Богородица кон небото. Лицето ѝ светело како сонце, а од телото се ширел пријатен мирис од кој се излечиле многу болни.

По сопствена желба Богородица била погребана во Гетсиманската градина, каде што биле гробовите на нејзините родители Јоаким и Ана и на свршеникот (старателот) Јосиф. За време на погребот светиот апостол Јован ја носел рајската гранка пред погребната поворка, апостолите го носеле телото на Богородица, а над нив се слушало пеењето на ангелите.

Телото на Богородица било положено во гробот во Гетсиманската градина и врз отворот бил ставен голем камен. Три дена апостолите пееле псалми, а од воздухот се слушало пеењето на ангелите. Третиот ден по погребот пристигнал апостолот Тома кој што многу жалел затоа што не присуствувал на погребот на Божјата мајка и побарал апостолите да му го отворат гробот за да се поклони пред телото на Богородица. Апостолите му ја исполниле желбата, го отвориле гробот но на општо изненадување телото не било внатре. Имало само некои погребни платна од кои се ширел пријатен мирис. Тогаш се јавила Богородица и им соопштила дека на третиот ден по погребот Исус ја воскреснал кревајќи ја на небото. Кога се упокоила Богородица имала 63 (според други 72) години.

Празникот Успение на Пресвета Богородица меѓу народот познат како Голема Богородица се празнува на 28 август според новиот (односно на 15 август според стариот) календар.

Низ цела Македонија во манастирите или црквите што го носат името на Пресвета Богородица на празникот Мала Богородица се одржуваат масовни народни собири. Така е крај манастирот во Матка крај Скопје, кај црквата во центарот на Скопје, во Лешочкиот манастир крај Тетово, во Берово, и на повеќе други места.