Вулканот Руанг на индонезискиот остров Сулавеси повторно еруптираше во вторникот, по ерупцијата што принуди евакуација на стотици луѓе и затворање на аеродромот пред неколку дена.
Индонезискиот Центар за вулканологија и ублажување на геолошки опасности (PVMBG) прогласи највисоко ниво на тревога по утринската ерупција и ги повика луѓето да не се приближуваат до вулканот, се наведува на веб-страницата на Центарот.
Над 800 жители живеат на островот Руанг во провинцијата Северен Сулавеси, од кои повеќето беа евакуирани поради ерупцијата на почетокот на месецот. Засега не е познато колкумина биле евакуирани во вторникот, јавува Reuters.
Државната агенција за помош при катастрофи не одговори веднаш на барањето за коментар.
Снимките на социјалните мрежи во вторникот, кои Ројтерс не можеше веднаш да ги потврди како автентични, покажуваат како лава се излева по вулканот, кој се наоѓа на околу 100 километри од Манадо, главниот град на провинцијата Сулавеси.
Сообраќајните власти привремено го затворија аеродромот во Манадо по ерупцијата на почетокот на овој месец. Карпата и пепелта што бликаа од вулканот оштетија куќи, а поради опасност е евакуирана и блиската болница.
Официјалните лица го намалија нивото на тревога на 3 минатата недела, но повторно го подигнаа на ниво 4 во вторникот.
Индонезија се наоѓа во таканаречениот „Пацифички Огнен Прстен“, област со висока сеизмичка активност, каде што се среќаваат неколку тектонски плочи.