Бамби Таг привлече внимание со необичниот настап на Евровизија, а по првото полуфинале откри дека организаторите ја принудиле да ги отстрани пропалестинските пораки кои сакала да ги испрати преку привремена тетоважа на лицето.
Бамби Таг се квалификуваше за саботното финале на Евровизија со спектакуларен настап и изведба на песната „Doomsday Blue“, но не сите имаа позитивна реакција, а некои тврдеа дека овој настап е всушност сатанистички ритуал.
По првото полуфинале, Бамби откри дека морала да промени еден детаљ од својот настап. Имено, Европската агенција за радиодифузија ѝ наредила на пејачката да ја смени привремената тетоважа на лицето поради она што го симболизира.
На пробите била видена со тетоважа на лицето на која пишувало „Примирје“ на древната келтска азбука огам.
На снимката од прес-конференцијата, Бамби Таг „потврди дека ЕБУ побарала од неа да ги отстрани зборовите „Слобода за Палестина“ и „Примирје“ од нејзиниот костим пред настапот.
„Ми беше многу важно да ги имам овие пораки на мојот костим, бидејќи јас сум за правда и мир“, изјави Бамби Таг.
Портпаролката на Европската радиодифузна унија (ЕБУ) рече: „Писмата што ги видовме на телото на Бамби Таг за време на генералните проби беа во спротивност со правилата на натпреварувањето, кои се дизајнирани да ја заштитат неполитичката природа на настанот“. Додадоа и дека по разговорот ирската делегација се согласила да се отстрани тој детаљ.
Сепак, Бамби на Instagram изјави дека ќе ѝ биде забранет настап доколку не ги избрише овие пораки.
„По мојата прва генерална проба од мене беше побарано да ги отстранам и 'Слобода на Палестина' и 'Примирје' од мојот костим. Мојата делегација и јас се боревме против тоа и ЕБУ на крајот се согласи да остане 'Примирје'. Околу еден час пред мојот настап бев информирана дека имале интерен состанок и дека 'Примирје' повеќе не е прифатлива порака и дека ако не го отстранам, нема да ме пуштат на сцената. Јас сум за правда и мир и тоа никогаш нема да се промени. Само се надевам дека ќе можам да допрам до што е можно повеќе луѓе. Моето срце и молитвите се со народот на Палестина“, порача таа на Instagram.
Да потсетиме, денеска се одржаа пропалестински протести во шведскиот град Малме, каде вечерва се одржува втората полуфинална вечер на Евровизија.