Американскиот државен секретар Мајк Помпео остро го критикуваше однесувањето на Кина за ширењето на заразата со коронавирусот, велејќи дека нивната владејачка Комунистичка партија сè уште крие информации потребни за да спречи ширењето на Covid-19.
Во интервју за радио станицата Washington Watch, Помпео ги повтори претходните обвинувања дека одложувањето на Кина во информирањето за вирусот гo загрози здравјето на луѓето ширум светот и рече дека „навистина стави во опасност илјадници животи“.
„Загрижен сум затоа што со ова прикривање, со тие дезинформации, Кинеската комунистичка партија продолжува да му ги ускратува на светот потребните информации за да спречи понатамошни случаи или нешто слично да се случи повторно“, додаде тој.
Помпео, исто така, ги обвини Иран и Русија за кампањите за дезинформации за вирусот.
„Продолжува дезинформациската кампања на Русија и Иран, како и на Кина“, рече тој. Тие зборуваат дека вирусот го донела американската војска и велат дека можеби сè започнало во Италија, за да се спасат од одговорноста“.