Полските власти се подготвени да распоредат американско нуклеарно оружје на нивна територија, изјави полскиот претседател Анджеј Дуда во интервју за весникот „Факт“.
„Доколку нашите сојузници решат да распоредат нуклеарно оружје во рамките на Nuclear Sharing и на наша територија со цел да ја зајакнеме безбедноста на источното крило на НАТО, ние сме подготвени за тоа. Ние сме сојузници во НАТО и имаме обврски во овој поглед, што значи дека ние едноставно спроведуваме заедничка политика“, објасни тој.
Според него, „ова прашање веќе некое време е тема на полско-американските разговори“.
„Веќе неколку пати зборував за тоа. Морам да признаам, кога ме прашаа за тоа, ја потврдив нашата подготвеност“, додаде тој.
Дуда тврди дека Русија се повеќе го зајакнува Калининградскиот регион од воен аспект.
„Неодамна Москва го префрли своето нуклеарно оружје во Белорусија“, посочи тој.
Програмата Nuclear Sharing им овозможува на Соединетите Американски Држави да го распоредат своето нуклеарно оружје во земјите на НАТО кои не го поседуваат. САД имаат 100 тактички нуклеарни проектили во Европа и Турција. Боевите глави се од 0,3 до 50 килотони за бомбите B61-3 и B61-4 и се чуваат во шест бази во Белгија, Германија, Италија, Холандија и Турција.